Европската комисија (ЕК) во редовниот годишен извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан го повикува македонското Собрание да почне да игра активна и позитивна улога во процесот на европска интеграција. Забележувајќи дека работата на Собранието е нарушена од политичката поларизација, ЕК укажува дека законодавниот дом треба да биде форум за конструктивен дијалог, бидејќи тоа е клучно за остварување на реформската ЕУ агенда.
„Работата на Собранието беше нарушена од политичка поларизација поради што беше одложено усвојувањето на многу закони. По интензивна дебата, Собранието ги усвои заклучоците за предлогот кој што го поплочи патот за отворање на пристапните преговори. Собранието треба да игра активна и позитивна улога во процесот на пристапните преговори со ЕУ. Заеднички и навремени напори од сите партии се потребни како приоритет за да се зајакне улогата на Собранието како форум за конструктивен дијалог, посебно за реформската ЕУ агенда. Собранието и владата се обврзаа да ги почнат и да ги остварат релевантните уставни промени, со цел да бидат внесени во Уставот граѓаните кои живеат во границите на државата“, се вели во извештајот на ЕК објавен денеска, додавајќи дека е потребен посебен фокус за да се осигура ефективна имплементација на постоечките закони, место да се почнуваат ад хок иницијативи.
Во извештајот, за судскиот систем се вели дека постигнал извесно ниво на подготовка и е умерено подготвен.
„Судството демонстрираше посветеност да си ги заштити интегритетот и независноста“, велат од ЕК.
Истиот степен на подготовка е забележан и во однос на борбата против корупција. „Потребно е повеќе да е направи во врска со одредени форми на криминал, како перење пари и финансиски криминал“, стои во извештајот.
Во врска со надворешните односи, ЕК вели дека Македонија има достигнато добро ниво на подготвеност, целосно порамнувајќи се со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, по руската агресија против Украина.
„Северна Македонија покажа дека може да биде сигурен партнер“, се вели во извештајот.