Проблемот со Бугарија е билатерален и не треба да биде пречка за Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ, кажа денеска во Скопје холандскиот премиер Марк Руте, додавајќи дека зад сцената, многу лидери на ЕУ имаат дискусии со Бугарија за да се осигураат дека проблемот ќе биде решен.
Руте имаше куса средба со новинарите во Холандската резиденција пред вечерата со претседателот Стево Пендаровски, а по средбата со премиерот Зоран Заев, за време на денешната посета на Скопје со која заврши мини турнејата низ регионот по посетите на Албанија и Грција.
Тој потсети дека неговата земја најдолго се противеше на проширувањето на ЕУ, но Северна Македонија и Албанија направиле многу голем напредок изминативе две години и се подготвени да ги почнат пристапните преговори.
„Тука сум бидејќи Холандија беше земјата која најдолго се противеше на проширувањето на ЕУ, но толку многу напредок се направи во изминатите две години и среќен сум да кажам дека ЕУ реши да ги почне преговорите. За жал, го имаме проблемот со Бугарија кој треба да се реши“, кажа Руте.
Прашан дали е можен почеток на преговорите до крајот на годинава, тој кажа дека се надева на најдоброто по изборите во Бугарија следната недела.
„Јас сум внимателен оптимист. Се надевам по изборите во Бугарија следната недела и фактот што моите колеги во ЕУ се согласни дека билатералното прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија не треба да биде пречка за почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа е колективно мислење во ЕУ. Секако дека прашањето со Бугарија ме иритира многу, бидејќи поради тоа се одложува почетокот на меѓувладините конференции. Пред сè, ова прашање е билатерално и не треба да ги запре пристапните преговори. Тоа не е само мое мислење, туку и на сите други членки на ЕУ. Можеби тоа не се гледа, но имаме многу дискусии со Бугарија и јас, но и моите колеги од ЕУ, за да се осигураме дека прашањето е решено. Не е добро да не почнат преговорите по толку чекање. Зад сцената, многу членки на ЕУ се обидуваат да дискутираат со Бугарија и се надевам на најдоброто по изборите во Бугарија“, изјави холандскиот премиер и рече дека Северна Македонија не треба да ја губи довербата во ЕУ.
На прашањето како, да е македонски граѓанин би реагирал на тоа што бугарската блокада го спречува почетокот на пристапните преговори со ЕУ, Руте кажа дека да е Македонец, би бил многу иритиран.
„Би рекол, еј дечки, вие од ЕУ, не е наша работа да го решавме овој проблем, туку ЕУ треба да го реши“, рече Руте.
На прашањето дали неговата посета има врска со утрешното гласање за доверба на владата, тој одговори дека станува збор за коинциденција.
„Се работи за коинциденција. Посетата беше планирана пред месец дена и не можевме да предвидиме каква ќе биде сегашната политичката ситуација. Не сакам да се мешам во националната политика“, кажа Руте и додаде дека Холандија ќе работи на македонските евроинтеграции со секоја влада во земјава.
М. ИЛИОСКИ