РАДЕВ ОЧЕКУВА МАКЕДОНИЈА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ЈУНИ

    РАДЕВ ОЧЕКУВА МАКЕДОНИЈА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ЈУНИРадев и македонскиот претседател Стево Пендаровски утре ќе имаат тет-а-тет средба на Меѓународниот аеродром Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Според бугарскиот претседател Румен Радев, се очекува Македонија да ги почне преговорите со ЕУ во втората половина од јуни.

    „Се очекува во втората половина од месец јуни да има придвижување по прашањето на европскиот пат и започнување на преговори за Република Северна Македонија. Јас многу јасно сум го изразил бугарскиот став, Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на РСМ и на Албанија”, кажа Радев, зборувајќи со бугарските новинари за време на посетата на Брисел.

    Радев и македонскиот претседател Стево Пендаровски утре ќе имаат тет-а-тет средба на Меѓународниот аеродром Скопје, по што двајцата заедно ќе отпатуваат за Рим да оддадат почит на делото на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

    Во петокот, португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји беа во Скопје и Софија со нов предлог за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

    Тогаш, македонскиот премиер Зоран Заев кажа дека предлогот е добра основа за решавање на спорот, додека бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев рече дека нема да има промена во бугарската политика кон Македонија.

    Одлуката за почеток на пристапните преговори за Македонија и Албанија треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот на 24-25 јуни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира