РАДИОАКТИВНИОТ КОБАЛТ ОД КЛИНИКАТА ЗА РАДИОТЕРАПИЈА И ОНКОЛОГИЈА ИЗВЕЗЕН ВО УНГАРИЈА

    РАДИОАКТИВНИОТ КОБАЛТ ОД КЛИНИКАТА ЗА РАДИОТЕРАПИЈА И ОНКОЛОГИЈА ИЗВЕЗЕН ВО УНГАРИЈА„Кобалтот беше сместен во посебен бункер со метални врати и надворешно немаше никакво зрачење, но зафаќаше голем дел од просторот каде се врши зрачната терапија и сега тој простор ни е ослободен“, вели директорот на клиниката Васев (Фото: СДК.МК)

    Отстранет е кобалтот кој е радиоактивен извор на јонизирачко зрачење од Клиниката за радиотерапија и онкологија. Дирекцијата за радијациона сигурност на својата веб страница објави дека со помош на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) го дислоцирала радиоактивниот извор на јонизирачко зрачење кобалт 60 од Клиниката за онкологија.

    „На први март оваа година со помош на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) успеавме да го извеземе, односно да го дислоцираме од нашата држава во Унгарија, радиоактивниот извор на јонизирачко зрачење од прва категорија кобалт – 60, кој од 2012 година беше складиран на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија во Клиничкиот центар Скопје. Со оваа активност државата повеќе не поседува извори од овој тип со што е зголемено нивото на заштита од изложеност на јонизирачко зрачење на населението, работно изложените лица и животната средина“, стои во соопштението на Дирекцијата за радијациона сигурност.

    Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија д-р Никола Васев вели дека кобалтот од кобалт машината со која претходно се правело зрачење на Клиниката со помош на Меѓународната агенција за атомска енергија и со помош на Дирекцијата за радијациона сигурност пред две недели е отсранет од Клиниката и дека со тоа е решен еден голем проблем. Тој вели дека иако машината стоела во заштитен бункер, сепак станува збор за радиоактивен отпад со долг период на распаѓање.

    „За отстранување на овој отпад добивме донација од Меѓународната агенција за атомска енергија од 200.000 евра, и тоа е голема помош за нас. Всушност тоа беше трипартитен договор меѓу нашата Дирекција за радијациона сигурност, Клиниката и Меѓународната агенција. Беше сместен во посебен бункер со метални врати и надворешно немаше никакво зрачење, но зафаќаше голем дел од просторот каде се врши зрачната терапија и сега тој простор ни е ослободен. Од друга страна претставуваше опасност, бидејќи во случај на поголем земјотрес би имало големи последици за сите“, вели Васев.

    На Клиниката за онкологија но таванскиот дел има уште еден бункер за извори на јонизирачко зрачење, како што цезиум и радиум, кои се користеле во медицината, а кои беа преместени од подрумскиот дел во 2012 година кога се градеше нов бункер за новиот акцелератор. Васев вели дека и овој отпад треба да се отстрани, но дека во државата нема место каде се складира ваков отпад, а на Клиниката е соодветно обезбеден.

    „Тој отпад е во многу помали количини од кобалтот и е во специјален бункер. Имаме вработено физичар за радијациона сигурност кој секојдневно мери и нема никакво зрачење во околината“, вели Васев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира