Рак на дебелото црево или колоректален карцином (КРК) сè повеќе ги погодува помладите лица, а сега стана водечка причина за смрт од рак кај помладата популација во светот, вели Институтот за јавно здравје во извештај за одбележувањето на март, месец на колоректален карцином.
„Лекарите велат дека нешто фундаментално различно се случува со колоректалниот карцином кај помладите лица. Додека вкупниот број на смртни случаи од канцер се намалува, еден загрижувачки тренд оди во спротивна насока. Рак на дебелото црево сега е водечка причина за смрт кај возрасни под 50 години“, вели извештај објавен во списанието на Американската медицинска асоцијација (Journal of the American Medical Association)
Рак на дебелото црево е малигнитет кој може да се развие по целата должина на дебело црево или на неговиот завршен дел (ректум). Колоректалниот карцином е уште еден најчесто користен термин кој вклучува не само канцер на дебелото црево, туку и карциноми кои се формираат во ректумот.
Извештајот вели дека кај тројца од четворица пациенти под 50 години, ракот на дебелото црево се дијагностицира кога болеста е веќе во напредната фаза, што делумно го објаснува зголемувањето на смртноста и покрај значителниот напредок во третманот и терапијата.
Наодите од новата студија се вклопуваат во поширок тренд на зголемување на инциденцата на колоректален карцином кај лицата под 50 години.
Истражувањата покажуваат дека од 2000 година, бројот на нови случаи кај оваа возрасна група се зголемил во просек за речиси 1,4% годишно, додека во исто време стапките на инциденца кај лицата над 50 години се намалиле за приближно 3,1% годишно. Иако точните причини за овој тренд сè уште не се целосно разјаснети, експертите веруваат дека веројатно станува збор за комбинација од неколку фактори:начин на исхраната, зголемена телесна тежина, седентарниот начин на живот, промените во цревниот микробиом, како и изложеноста на разни влијанија од околината се можни причини зошто колоректалниот карцином е почест кај помладите лица.
Ракот предизвикува 20%, од смртните случаи во европскиот регион. Со повеќе од 3.7 милиони нови случаи и 1.8 милиони смртни случаи секоја година, ракот е втората причина за смртност и морбидитет во Европа после кардиоваскуларните болести.
Во Македонија според последните податоци од Регистарот за рак, во 2023 година се регистрирани 829 нови случаи на колоректален карцином и 393 смртни случаи. На возраст од 30-50 години инциденцата е 90 лица, со 36 смртни исходи. Според 10 најчести примарни локализации на вкупниот рак по категории, ракот на колон е трета водечка причина за смртност и четврта за морбидитет, на населението во Македонија.
Според последните податоци на Светската здравствена организација (СЗО), во 2022, во светот се регистрирани 1.926.425 нови случаи на колоректален карцином и 904.019 смртни случаи, што го прави втора водечка причина за смртост и трета за морбидитет на населението поврзано со рак. Стапките на инциденца се највисоки во Европа, Австралија и Нов Зеланд, додека стапките на смртност се највисоки во Источна Европа.
Инциденцата и смртноста се намалени во неколку земји со високи приходи, главно поради откривање на болеста во рана фаза. Ракот во многу случаи може да се избегне, а раното откривање значително ги зголемува шансите за излекување. Познато е дека раното откривање на болеста може да спречи најмалку една третина од сите видови на карциноми. Во оваа група спаѓаат некои од најчестите видови, вклучувајќи карцином на дојка, колоректален и цервикален карцином. Овие видови канцери би можеле да се излечат доколку се откријат во рана фаза.
Скрининг е метода за откривање на болест пред да се појават симптомите. Скринингот овозможува откривање на ракот во рана фаза пред да стане инвазивен, истиот се однесува на луѓето со просечен ризик (како и општата популација). Скринингот има за цел да обезбеди преживување, да го намали морбидитетот и да го унапреди квалитетот на животот на оние кои развиле канцер. Неговата цел е намалување на ризикот, но тој не дијагностицира болест. Постојат неколку методи на скрининг и тоа се: годишни –двогодишни тестови з а присуство на окултно крварење. Иако теоретски се достапни широк спектар на различни скрининг методи за колоректален карцином, истражувањата кои имале за цел да го идентификуваат најефективниот скрининг протокол за употреба во општата асимптоматска популација воглавно се предлага тест за детекција на окултното крварење или таканаречен (ФОБ-тест).
Тест за окултно крварење во столицата се покажа како соодветна метода за рано откривање на колоректален карцином, поради релативно едноставна апликација и релативно ниска цена.



