Обвинителството за организиран криминал и корупција по шестмесечна истрага го обвини поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за злоупотреби на пари од Буџетот за купување на софтвери што тој ги инвовирал, а никаде не биле потребни.
Во истрагата која беше поделена на два дела, обвинети се уште 6 лица, со Рашковски вкупно седум.
Според обвинителниот акт, на првообвинетиот Рашковски му се става на товар дека сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Второ и третообвинетите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Останатите лица се обвинети дека помагајќи сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
„Во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 година, во Генералниот секретаријат на Владата првообвинетиот, како службено лице, со умисла помогнат од второ и трето обвинетите, (надворешни соработници), извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Првообвинетиот не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор. Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137,00 денари“, пишува Обвинителството како Рашковски помогнал 4 фирми да се стекнат со незаконски пари.
Воедно, првообвинетиот Рашковски како службено лице, го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.
„Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите согласно договорот што го имале со првообвинетиот за поделба на паричните средства, подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 1.320.000,00 денари“, наведува Обвинителството за организиран криминал.
За перењето пари Обвинителството кажува како го фатило Рашковски: „Во временскиот период од 05.06.2017 година до 05.05.2021 година, во Скопје, првообвинетиот, пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319,00 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити“.
Во куќен притвор се Рашковски и четвртообвинетиот. Обвинителот заедно со обвинението, до судот поднел и барање за продолжување на мерката. Исто така, со обвинителниот акт согласно чл.118 ст.2 в.в со чл.120 од ЗКП, е предложено да биде определена привремена мерка за замрзнување на имотно – правно барање на износ од 5.050.000,00 денари, за сторената штета во вкупен износ од 18.794.137,00 денари што настанала поради извршување на кривичното дело.
Обвинението оди на оценка во Кривичниот суд Скопје, а потоа во електронскиот систем за да се распредели кај судија од одделот за организиран криминал.
С. К. ДЕЛЕВСКА