За кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело во врска со патентите што ѝ ги продаде на државата како генерален секретар на Владата, а кои не ѝ требале, Драги Рашковски денеска неправосилно е осуден на единствена затворска казна од 8 години.
Тој треба да добие упатен акт за во затвор веднаш.
Обвинетиот Игор Христов доби пет години и шест месеци, Ивица Димитровски доби 5 години затвор, Даниел Станчев – четири години, Ирена Ивановска – три години и шест месеци, Игор Ивановски – три години, Маја Силјановска – три години затвор.
И тие треба да добијат упатни акти за во затвор веднаш, па од затвор да се жалат на денешната првостепена пресуда изречена во Основниот кривичен суд Скопје.
Судијката Фанка Јанчулева по изрекувањето на пресудата не можеше да дочита колку пари треба Рашковски да врати. Му се конфискуваат дури и парите на сметките на неговите малолетни деца. Му се замрзнува неговиот и недвижниот имот ставен на име на децата. Ако нема средства да ја обештети државата, се ќе му биде конфискувано.
Обвинителката за организиран криминал Ивана Трајчева, побара притвор веднаш за Рашковски, Христов, Димитровски и Станчев, поради опасност да избегаат од оправдан страв поради изречените затворски казни.
Според пресудата, Рашковски не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски, исто така, како службено лице, го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.
Во врска со перењето пари, Рашковски пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319,00 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.
Случајот „Софтвери“ се однесува на тендери од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски и опфаќа четири набавки на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Покрај тендерите, дел од обвинението за предметот е и исплата на хонорари.
С. К. ДЕЛЕВСКА