РАШКОВСКИ САМО СЕМАНТИЧКИ ГО СФАЌА ОБВИНЕНИЕТО ЗА СОФТВЕРИТЕ, РУСКОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ГИ НАБАВИЛ ЗА ЛИЧНА МАТЕРИЈАЛНА КОРИСТ

    РАШКОВСКИ САМО СЕМАНТИЧКИ ГО СФАЌА ОБВИНЕНИЕТО ЗА СОФТВЕРИТЕ, РУСКОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ГИ НАБАВИЛ ЗА ЛИЧНА МАТЕРИЈАЛНА КОРИСТ„Ова скапо непотребно задоволство нас граѓаните нè чини вкупно 6.079.021 денар“, кажа Русковска во воведен збор. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Драги Рашковски, за злоупотреба на службената положба како генерален секретар на Владата и за перење на нелегално стекнатите пари од злоупотребата на функцијата, денеска по воведните зборови на обвинителката Вилма Русковска, кажа дека само семантички го разбрал обвинението.

    Тој и групата обвинета за незаконското купување на софтвери што тој ги патентирал, а кои не се користат, се изјаснија за невини.

    „Во оваа постапка обвинителството ќе го увери судот дека Драги Рашковски во својство на генерален секретар нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел парите за набавка на софтвери, системи, кабини и камери, кои и по три години не се користат. А од друга страна, никој нема објаснување зошто воопшто се набавени и кои ќе ги користи. Ќе докажеме дека Рашковски ја злоупотребувал функцијата за свои лични и материјални цели”, кажа Русковска во воведниот збор, со што и официјално почна судењето против овој поранешен висок функционер на актуелната власт.

    Постапката почна по текстовите во медиумите за набавка на софтверот кој не се користи и по две години откако е набавен.

    „Но, дали и воопшто може да се користи при постојаната законска регулатива? Факт кој неспорно бил познат на Рашковски кога го набавувал и факт кој ќе ги докаже обвинителството. Ако се има законската поставеност на контрола на брзината во сообраќајот, се поставува прашањето од кој причини бил набавен? Ова дотолку повеќе ако се имаат законските надлежности на генералното секретаријат, јасно е на сите дека тој нема надлежност да снима и издава казни. Ќе докажеме дека не се употребува затоа што е нефункционален, а не поради постапката на обвинителството”, продолжи Русковска.

    Тој за сообраќајни контроли и казни, набавен е во јуни 2020 кога и требало да се имплементира, а постапката била започната пред нецела година.

    „Па ако навистина можел да се стави во функција секако дека имало време тоа да се направи, но очигледно е дека тоа не било цел. Ова придонесе да дознаат граѓаните дека биле потрошени 4,9 милиони денари, демек за нешто што не било ставено во функција, што било заборавено, а интервенциите кои се правеле во овој софтвер биле по јавно обелоденување на случајот”, рече таа.

    Во истрагата ОЈО за организиран криминал дојде до сознанија за набавка на систем од страна на Драги Рашковски, а кој систем повторно ниту една институција не го барала и не се користел, а тоа е систем за биометриски идентификација.

    И овој систем не бил наменет за доброто и интересите на граѓаните, рече Русковска, туку за лични материјални интереси.

    „Ќе се уверите од доказите дека овој систем воопшто не се наоѓа во зградата на владата иако е исплатен во целост. Логично се поставува прашањето зошто е набавен? Рашковски, знаејќи го истото, по јавното обелоденување му дава на Ивица Димитровски инструкции да го заврши системот, а за сето ова ќе изведеме докази. Покрај докази за овие факти, ОЈО ќе презентира и докази дека иако не се наоѓа во зградата на владата и не е имплементиран, Драги Рашковски исплатил 610 илјади денари за обука на вработените и над 400 илјади за инсталација. Од доказот ќе произлезе дека такви обуки никогаш не биле спроведени и логично е дека не можело со оглед дека системот не бил имплементиран”, рече Русковска.

    Во продолжение кажа дека судот и јавноста ќе бидат уверени оти пред да биде спроведена постапката за јавна набавка, за софтверот се набавени камери и кабини кои не биле ставени во употреба ниту можеле, а тие не се наоѓаат во владата, туку три години се под отворено небо во поранешната фабрика Стаклара.

    За нив никој од Генералниот секретаријат немал слушнато.

    „Ова скапо непотребно задоволство нас граѓаните нè чини вкупно 6.079.021 денар. Се набавуваат кабини и камери за софтвер кој уште не е набавен. Логично се наметнува прашањето зошто набавувал софтвери, системи, камери и кабини и ниту една институција не ги користи и не и се потребни. Одговорот ќе произлезе од докази односно дека поврзувачка точка е нивното лукративно постапување. Неколку месеци пред објавување на тендерот, Рашковски на обвинетиот Ивица Димитровски му го испраќа својот патент со ист наслов и содржина како во техничката спецификација и се договара да направат тендер. Предлогот Ивица го прифаќа, а обвинетиот носи одлука за јавна набавка. Можеби не би имал никаков проблем да сакал финансиски да го материјализира, но проблем има кога станува збор за трошење народни пари без да има потреба и законска поддршка”, кажа Русковска.

    Рашковски донел одлука за јавна набавка и договорот го склучил со фирмата на Даниел Станчев. Притоа обвинетиот Рашковски директно учествувал во неа. Прво дал информации за тоа колку бодови има фирмата Инвока и кога ќе се одржи јавното наддавање пред да биде соопштено. На самиот ден на Даниел му кажува со која цена да настапи Инвока груп.

    Потоа Русковска продолжи со делот како Рашковски исцицувал пари од хонорарите на соработниците ангажирани во Владата, како и земал дел. Рече дека ќе прикаже како овие и парите од софтверите потоа ги испрал. Кажа дека не трошел, живеел од сметката на која му стигала платата, туку од други сметки на членови на семејството, на кои легнувале незаконските пари.

    Во овој предмет обвинети се и Игор Христов, Маја Силјановска и Ирена Ивановска.

    Рашковски кажа дека не ги сторил делата и не знае зошто во судницата има и обвинети помагачи, кога требало тој нешто да направи, за да има помагачи.

    Кажа дека ќе ја побие целата теорија на случајот на Русковска, бидејќи тука според него, нема случај.

    Обвинението треба да го докаже обвинителот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира