Родителите на деца кои се згрижени во градинки реагираа денес на социјалните мрежи дека утрово во градинките им била правена анкета дали сакаат нивното дете да е во смена од 7 часот до 14.30 часот, или од 15 до 21 часот и дека им било кажано дека ако одберат прва смена ќе мора детето да си го земат во 14.30 часот.
Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека овој распоред на смени важи за негувателките и воспитувачките вработени во градинките, а не за децата.
Според одлуката на Владата градинките од први септември ќе работат од 5.30 часот наутро до 21.30 часот навечер.
„Наведеното работно време се однесува само на вработените во установите кои треба да ја применат одлуката на Владата, а не и на времето за престој на децата во градинките . Децата ќе се згрижуваат во текот на денот според потребите на родителите. Двосменското работење подразбира дека опфатот и згружавањето на децата во градинките ќе биде како и до сега од 5:30 часот наутро до 22:00 часот навечер, како и во првата сабота во месецот“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Ако родителите една недела работат прва смена, а следната втора, ќе треба да ја известат градинката во која недела ќе го носат детето прва, а во која втора смена.
„Се прават анкети во градинките за да се види колкав е интересот за втора смена. Не значи дека сите градинки ќе работат втора смена, можеби во некои нема да има интерес. Веќе 4 градинки работат во смени, а шест пројавија интерес„, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска апелира до вработените и директорите на градинките да не ги манипулираат родителите и да не ги ограничуваат со стриктно временско згрижување на децата.
„Министерството ги задолжи директоритена градинките да ја спроведат одлуката на Владата и според неа и според потребите на родителите да го организираат работењето на установата“, вели Царовска.