РАЗГОВОРИТЕ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ МОЖЕ ДА СЕ СЛУШААТ САМО ВО СУДОТ ИЛИ ВО СЈО

    РАЗГОВОРИТЕ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ МОЖЕ ДА СЕ СЛУШААТ САМО ВО СУДОТ ИЛИ ВО СЈОПоранешниот вицепремиер Владимир Пешевски утринава пристигна во Основниот суд Скопје 1 за рочиштето за предметот на СЈО „Траекторија“. (Фото: М. Златевска)

    Денешното рочиште од судењето на експремиерот Никола Груевски за предметот на СЈО „Траекторија“ за кинеските автопати беше одложено, бидејќи во истата судница во 11 часот беше закажано рочиште за друг предмет.

    Пред одложувањето, одбраната на обвинетите побара судењето да се одложи бидејќи во доказите што им биле доставени ги немало прислушуваните разговори, а тие им се потребни да ја подготват одбраната. 315-те прислушувани разговори биле доставени само до судот, а на одбраната, како што кажаа адвокатите, ниту транскрипти не им биле доставени

    Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова рече дека во текот на целата истражна постапка обвинетите и адвокатите биле повикувани во СЈО да ги преслушаат снимките кои што се дел од доказите.

    „Овие разговори можат да бидат злоупотребени, со оглед на тоа што голем дел од снимките не се објавени во јавноста и постои можност од размножување и вметнување на содржини во нив. Поради тоа, СЈО снимките ги достави само до судот и одбраната има можност да ги види во судот или во СЈО“, кажа Стефанова.

    По излагањето на специјалната обвинителка, одбраната кажа дека се навредени од таквата изјава.

    Адвокатката на обвинетиот Владимир Пешевски кажа дека дошла во судот да ги слушне разговорите, но од судот ѝ кажале дека немаат техничка можност за такво нешто и ѝ понудиле да ги види транскриптите, но таму недостасувале дел од транскриптите.

    Покрај Груевски и Пешевски, обвинети за поткуп, односно примање награда за противзаконито влијание за кинеските автопати се и Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира