Министерството за здравство го разреши економскиот директор на Клиниката за гинекологија и акушерство Валон Беља. Министерот за здравство Венко Филипче го потврди разрешувањето за САКАМДАКАЖАМ.МК и вели дека станува збор за нарушени меѓучовечки односи
Беља, кој е кадар на ДУИ, беше назначен за економски директор на Гинекологија во октомври минатата година. Во декември, тој беше застрелан во нога и опериран во болницата „Св. Наум Охридски“, за што беа уапсени три лица.
Беља беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 стана лидер на партијата Албански сојуз. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Откако се повлече од ДПА Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар. Полицијата тогаш информираше дека причина за нападот била претходна нетрпеливост.
По преминувањето во ДУИ, Беља кој беше вработен во Општина Чаир, во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити од истата партија остави куршум завиткан во салфетка. По тој инцидент бил приведен во полиција и пуштен, а тврдел дека некој го мести. МВР му поднела пријава за загрозување на безбедноста, а за тој случај уште нема завршница.
Е. БОЧВАРОСКА