Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека е разумно Северна Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на нејзиниот пат кон ЕУ по исполнувањето на постојните. Според него, градењето доверба е клучен дел од процесот.
„Во исто време, многу е важно да се изгради доверба и да ѝ се даде гаранција на Северна Македонија дека она што го бараме сега е сè што бараме, а не дека чекаме за потоа да побараме да се направи повеќе. Тоа е разумно“, рече Кошта на прес-конференција со бугарскиот премиер Росен Желјазков во Софија.
Тој вели дека токму поради потребата од градење доверба ги поканил владите во Скопје и Софија да започнат соработка на конкретни прашања. Како пример, Кошта го посочи подобрувањето на поврзаноста меѓу двете земји, како што се транспортните коридори, што би ги поврзало народите и би ги подобрило економиите. Ова, според него, би бил „прв важен чекор за да се почне да се работи заедно“.
Изјавата за потребата од гаранции дојде откако Кошта претходно на прес-конференцијата рече дека „она што е договорено, е договорено“ и дека земјата мора да ги исполни постојните обврски, односно уставните измени, за да ги отпочне пристапните преговори со ЕУ.
Тој притоа потсети дека ја разбира фрустрацијата на земјата која веќе го сменила знамето, името и еднаш го менувала Уставот.
„Тие веќе го сменија Уставот еднаш, го сменија знамето, дури го сменија и името на државата. И природно очекуваат да можеме да го конкретизираме овој пристапен процес. Но, она што е одобрено, е одобрено. Она што е договорено, е договорено. И тие треба да испорачаат“, рече Кошта.