Во првиот квартал од 2025 година реалниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) е 3,2 проценти, кажа премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата. Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, како што кажа Мицкоски, растот на бруто-домашниот производ откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти.
„Со тоа, практично на досега објавените параметри коишто ги објавил ‘Евростат‘, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Тоа е многу значајно и ова не е случајност. Ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение резултатите мора да дојдат. Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција, рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека доколку сакаме до 2030 да бидеме уште повисоко на европската економска скала, мораме да го одржуваме просекот којшто ќе биде поголем од 4%, но тоа зависи не само од внатрешни параметри, туку и од надворешни фактори.