СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ НАМАЛЕНИ СЕ ГЛОБИТЕ – ПОЧНУВА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВА

    СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ НАМАЛЕНИ СЕ ГЛОБИТЕ – ПОЧНУВА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВАМинистерот за финансии Драган Тевдовски при расправата за предлог-завршната сметка на Буџетот за 2016 (Фото: СДК.МК)

    Ребалансот на Буџетот предвидува помалку казни. Со предложените измени и дополнувања на планот за приходи и расходи во 2017, ставката за глоби е намалена за 3,7 милиони евра и изнесува 34,8 милиони евра. Планиран е помал прилив и од такси и надоместоци – наместо 68,1 милион евра, со ребалансот по овој основ треба да се соберат 63,2 милиони евра.

    Ребаланост од денеска влегува во Собрание, прво на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, до која се доставени 840 амандмани, од кои 706 од ВМРО-ДПМНЕ, 134 од партиите на Албанците, а нема ниеден од СДСМ. За ребаланост расправа ќе има и на Законодавно-правната комисија.

    Со ребалансот, приходите се намалени за 1,5%. Новата Влада како предлагач на ребалансот, планира намалени приходи соодветно на реализацијата во периодот јануари – јуни и очекувањата до крајот на годината. Приходите би достигнале 3 милијарди и 3 милиони евра, наспроти 3,050 милијарди евра, колку што претходната влада испланира со  актуелниот Буџет. Пресметан е пад кај приходите од оданочување на потрошувачката, така што ставката ДДВ и акцизи оди надолу за 35,9 милиони евра. Наместо 1,224 милијарди евра од овие два даноци, со ребалансот се планира да се соберат 1,188 милијарди евра.

    Владата очекува поголема уплата на персоналец и поголеми придонеси. Од персоналец, данок на добивка и од капитална добивка зацртани се 440,8 милиони евра, наспроти 438 милиони евра со Буџетот. Со ребалансот, ставката придонеси од социјално осигурување е зголемена за 14 милиони евра.

    Скратени се расходите – од 3,353 милијарди евра на 3,305 милијарди евра.

    „Намалувања се направени на сите непродутивни расходи на Владата и институциите наменети за патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање“, стои во образложението на ребалансот.

    Буџетската сметка ќе биде во минус од 301,9 милиони евра, наместо 302,5 милиони евра, колку што е предвидено со Буџетот. Дали дел од минусот ќе се покрие со еврообврзница, сѐ уште не е одлучено.

    Според деловникот, расправата за ребалансот на комисијата за финансирање и буџет ќе трае десет дена. За најмногу дваесет дена за ребалансот ќе се расправа на пленарна седница во Собранието, што може да трае најмногу пет дена.

    А. САЛТИРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира