Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе почне да собира 150 илјади граѓански потписи за да поднесе иницијатива до Собранието за распишување референдум за Преговарачката рамка со ЕУ, за тргање на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со Унијата.
„Во периодот кој претстои ВМРО-ДПМНЕ ќе почне широки консултации за референдумот кој треба да следи, како и за неговата формулацијата. По завршување на консултациите, тој ќе се спроведе“, изјави синоќа член на Извршниот комитет, по седницата во партијата.
Референдум на цела територија, односно на државно ниво, распишува Собранието, по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150.000 граѓани. Предлогот за распишување референдум на државно ниво, со образложение, се поднесува до претседателот на Собранието. Парламентот е должен во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот да донесе одлука за распишување на референдум.
Членот 28 од Законот за референдум меѓутоа забранува распишување на референдум на државно ниво за прашања за кои Собранието одлучува со Бадентерово мнозинство. Односно, забраната е за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Според тоа, прашањето на референдумското ливче би требало внимателно да се дефинира, за да не задре во ниту едно од прашањата за кои Собранието одлучува и со дополнително гласање на немакедонските заедници, односно со Бадентеров принцип.
Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, ако гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено. Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот.
Органи за спроведување на референдум на државно ниво се: Државната изборна комисија, општинските изборни комисии за спроведување на избори за пратеници и избирачки одбори. Трошоците за референдумот се на товар на Буџетот.
С. К. ДЕЛЕВСКА