За да се намали загубата на водата за пиење, конечната цена на водата треба да ја определува Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), а не општините, побараа учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што ја организираше Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ. На национално ниво, загубите во просек изнесуваат близу 64%,
За да се случи тоа, неопходно е да се направат измени на сет закони, за што е потребен општествен и политички консензус, кажа Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство за да се донесат измените на законите во оваа област, со што ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: процедурата е долга и поделена во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да отпочне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии кои се поттикнувачки и веруваме дека ќе влијаеме на подобрувањето на економските перформанси на претпријатијата и врз намалувањето на загубите на водни услуги“, изјави Бислимоски.
На конференцијата беше кажано дека само со стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија може да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, за да се намалат загубите на водата.
„Ние немаме опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем кој ќе биде економски одржлив, а не да се одржува со донации“, рече Бислимоски.