РЕКТОРАТОТ НА УКИМ СЕ СОГЛАСИЛ ДА ГИ ПОВЛЕЧЕ ОД УПОТРЕБА СПОРНИТЕ УЧЕБНИЦИ СО ДИСКРИМИНИРАЧКИ СОДРЖИНИ

    РЕКТОРАТОТ НА УКИМ СЕ СОГЛАСИЛ ДА ГИ ПОВЛЕЧЕ ОД УПОТРЕБА СПОРНИТЕ УЧЕБНИЦИ СО ДИСКРИМИНИРАЧКИ СОДРЖИНИИзмената на правилникот доаѓа по претставките кои ги поднела Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници до канцеларијата на Народниот правобранител. - Од Филозофски факултет при УКИМ (Фото: СДК.МК)

    Ректоратот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“ прифати во Правилникот за организирање издавачка дејност да се внесе одредба со која се забранува употреба на учебници, кои имаат содржини со кои може да се повреди еднаквоста и правата на граѓаните врз сите основи. Од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници соопштија дека Ректоратот на УКИМ прифатил измена на правилникот по претставките кои ги поднела Коалицијата до канцеларијата на Народниот правобранител.

    „Претставките се однесуваат на дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата, лицата кои употребуваат дроги и лицата кои живеат со ХИВ, во учебниците: Социјална патологија од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски, Психологија на детството и адолесценцијата – развојна психологија I, Психологија на возрасните и стареењето – развојна психологја II и Психологија на родот: родовиот идентитет и родовите улоги, на авторката Олга Мурџева-Шкариќ, Народниот правобранител утврди дека „спорните текстови не се во склад и не соодветствуваат на сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека истите се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество“, стои во соопштението на Коалицијата СЗПМЗ.

    Од Коалицијата објаснуваат дека ова значи дека сега УКИМ има обврска да ги повлече од употреба сите учебници, кои содржат дискриминација врз која било основа, вклучително и сексуална ориентација, родов идентитет и здравствен статус. Коалицијата најави дека доследно инсистира да се спроведува оваа одлука и бара од Ректоратот, деканатите на факултетите на УКИМ и професорите во најскор можен рок да ги повлечат од употреба учебниците кои содржат дискриминација.

    „Сметаме дека ова ќе донесе поквалитетно образование кое ќе промовира почитување на различностите и на човековите права место да ги загрозува“, велат од Коалицијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира