Поради двете спротивставени вештачења, едното побарано од Обвинителството, а другото од одбраната за случајот со родилката од Дебар Јилдиз Веапоска, која по породувањето остана без три органи, судијата на денешното рочиште во струшкиот суд даде наредба да се прави супервештачење.
Супервештачењето, според Законот за кривична постапка, го прават вешти лица коишто се од високообразовни или високонаучни институции, а ги одредува Судот. Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, не се сомнева во стручноста и квалитетот на лицата кои ќе го прават супервештачењето.
„Судско-медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет е составен од 19 лекари од различни профили и од различни области на медицината, согласно нивното огромно знаење и медицинско искуство. Верувам дека тие луѓе солидно и квалитетно ќе си ја извршат својата работа и не се сомневам во квалитетот на супервештачењето. Вистината е дека мојот клиент е оштетен поради дејствија на лекарите, а тоа ќе се затвори со една квалитетна законита пресуда“, вели Јанев.
Според вештачењето на Институтот за судска медицина, влошувањето на здравствената состојба на Веапоска настанала поради делувањето на здравствениот тим во болницата во Струга.
„Погрешните постапки од страна на здравствените работници се причина Веапоска да остане без трите органи. Врз основа на тоа вештачење беше подигнато и обвинение. За жал, законот е таков каков што е, овозможува вештачење од вештак поединец, се споредува со вештачење направено од институција и тројца професори, а со тоа му дава право на Судот да побара изготвување на супервештачење кога имаме спротивни вештачења. Нашето вештачење е јасно, концизно, лоцирани се сите проблеми поради кои е дојдено до состојбата кај оштетената Веапоска и поради што ѝ се извадени органите“, вели проф. д-р Александар Станков.
Случајот со Веапоска, во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, веќе две години е во судница. Судскиот процес течеше со бројни одлагања, враќања на почеток, а доби и нов судечки судија и нов совет.
„Начинот на докторите што можат да се спасат од оваа работа што ми ја направија е само ваквото одовлекување. Тоа влијае многу лошо врз мене и физички и психички. Не можам да стојам на нозе. Едвај чекам да дојде крајот и вистината да излезе на виделина, не само за мене туку и за сите жени во Македонија, да не молчат и да не запираат кога има лекарски грешки“, изјави Веапоска.
Ново судско рочиште е закажано на 3 јуни.
С. ВРЕНЦОВСКА