РОДИТЕЛИТЕ ДА НЕ ИМ ДАВААТ НА ДЕЦАТА ПОВЕЌЕ ОД ПОЛА ЛИТАР СОК „ПРАЈМ“ КОЈ ГО РЕКЛАМИРААТ ЈУТЈУБЕРИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    РОДИТЕЛИТЕ ДА НЕ ИМ ДАВААТ НА ДЕЦАТА ПОВЕЌЕ ОД ПОЛА ЛИТАР СОК „ПРАЈМ“ КОЈ ГО РЕКЛАМИРААТ ЈУТЈУБЕРИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕСокот има две верзии, едната е кофеинска, а го рекламираат Јутјуб ѕвездите Логан Пол и КСИ, кои заработија милиони долари од продажбата. (Фото: Јутјуб/Логан Пол)

    Пијалоците на компанијата „Прајм Хидратејшн“, кои се доста популарни меѓу децата, содржат витамини, минерали и засладувачи, и ако пијат 500 милилитри дневно од овој производ, децата на возраст до 14 години ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    Сокот „Прајм“ има и кофеинска верзија, која е веќе забранета во Словенија и Хрватска. Безкофеинската верзија во македонските маркети се продава од 300 до 400 денари.

    Од ИЈЗ велат дека производот на „Прајм хидратејшн“ е безалкохолен пијалок со додадени витамини, минерали и аминокиселини, кој може да се најде на пазарот во Македонија. Не содржи кофеин, не содржи шеќери, значи не е енергетски пијалок, но затоа содржи засладувачи.

    „Во декларацијата на производот е наведено да се консумира 500 мл дневно. Содржината на витамините и минералите одговара на препорачаниот дневен внес на витамини и минерали за возрасен човек. Но, овој производ е многу популарен и широко употребуван од страна на децата. Ако децата, на возраст од 1 до14 години, консумираат 500 мл дневно од овој производ, ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок. Секако дека во текот на денот ќе ги внесуваат истите витамини и преку други прехранбени продукти. За децата на возраст од 7 до 14 години дневниот внес на витамини и минерали е два пати повисок преку овој пијалок, а ова особено се однесува на липосолубилнните витамини, како што се витамин А и витамин Е“, стои во извештајот.

    Затоа, ИЈЗ потенцира дека пиење „Прајм“ кај децата треба да биде ограничена и контролирана од родителите, да не се дозволи пиење 500 мл дневно.

    „Како и секогаш нашата препорака е децата да консумираат вода и природни сокови. Напомена за возрасните лица дека не треба да консумираат повеќе од 500мл дневно“, вели ИЈЗ.

    Управата за безбедност на храната во Словенија го забрани „прајм енерџи“ бидејќи содржи Л-теанин, кој не е дозволен во безалкохолните пијалоци во ЕУ, а веднаш потоа и Хрватска го забрани.

    Под брендот „Прајм“ се продаваат серија спортски и енергетски пијалоци, а е рекламиран од јутјубери и интернет инфлуенсери како Логан Пол и Кеј-Ес-Ај, кои имаат десетици милиони следбеници на социјалните мрежи.

    „Ние сме првенствено компанија фокусирана на социјалните мрежи. Добра работа врзана за нив се податоците, а тие велат дека 90 отсто од мојата публика е над 18 години. Консумацијата на кофеин не е препорачана ниту за децата ниту за кој било под 18 години. Тоа е стандард во индустријата, а не нешто што е врзано со ‘прајм’. Луѓето треба да бидат паметни околу тоа што внесуваат во своите тела“, изјави 28-годишниот Пол за „Еј-Би-Си њуз“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира