На барање на родителите на убиените момчиња во април 2012 година кај Смиљковско езеро, денеска во Кривичниот суд беше пуштена снимка од пратенички прашања до експремиерот Зоран Заев, каде тој одговара за случајот „Монструм“.
„Вие премиере Заев како опозиционер пред еден од родителите на убиените деца изјавивте дека имате прислушувани разговори кои ќе го расветлат случајот. Дали се тоа вистински докази, или е разговор за субвенции што требало да ги добие еден од обвинетите?“, прашува на снимката од 2017 година пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.
За ова Заев тогаш кажа:
„Таму има сериозни индиции и моја обврска е да ги дадам во СЈО. Има разговор како Фејзи Азири моли кај градоначалникот Невзат Бејта да му бидат исплатени субвенции. Тоа му го кажав и на едниот од родителите на убиените деца. Имаат право да знаат. Овој случај има право да се истражи одново, бидејќи има нови моменти кои треба да се истражат“, вели Заев.
Тој е предложен за сведок во однос на неговото тврдење дека има докази за случајот Смиљковско езеро.
Заев треба да пристигне во Кривичниот суд околу 11 часот.
С. К. ДЕЛЕВСКА