РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ОД КОЧАНИ ГО ПОВИКАА ПРЕМИЕРОТ ДА ЈА ОБЈАВИ СНИМКАТА ОД НИВНАТА СРЕДБА

    РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ОД КОЧАНИ ГО ПОВИКАА ПРЕМИЕРОТ ДА ЈА ОБЈАВИ СНИМКАТА ОД НИВНАТА СРЕДБАРодителите тврдат дека премиерот им рекол: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“. (Фото: СДК.МК)

    Здружението на родители на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“ денеска го повика премиерот Христијан Мицкоски да ја објави целосната видеоснимка од нивната средба во Владата на 7 јули.

    Во реакција на вчерашното соопштение на Владата, од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ од Кочани велат дека целиот разговор бил снимен од негова страна.

    „Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видеоснимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината“, се вели во соопштението на здружението.

    Во петокот, родителите го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека длабоко ги навредил на состанокот во Владата одржан на 7 јули. Според нив, кога го разгледувал барањето за еднократна парична помош за душевна болка, премиерот им рекол: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“.

    Од Владата потоа одговорија дека не се точни овие наводи на родителите и рекоа дека се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина.

    Во Кочани и денеска се одржа традиционалниот „Марш на ангелите“, кој се организира секоја сабота. На протестот, во име на родителите, се обрати Драги Стојанов, таткото на загинатиот 21-годишен Томче.

    Тој упати директна порака до најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, барајќи од нив да престанат да ја злоупотребуваат нивната трагедија за политички цели.

    „Оставете нè на мир. Немојте нашата болка да ја користите за политички маркетинг“, кажа Стојанов.

    Тој додаде дека правдата сè уште не е задоволена и дека родителите нема да се откажат од својата борба, дури и „по цена на сопствениот живот“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира