Повеќе од 50.000 жени и девојки секоја година се убиени од партнери или членови на семејството, покажуваат податоците на Обединетите нации (ОН). Иако станува збор за најекстремната форма на родово базирано насилство, фемицидот не е неизбежен и може да се спречи, рекоа претставници на ОБСЕ на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа што се одржа во македонското Собрание.
Во Македонија, според податоците на МВР, во мај 2026 се регистрирани 191 кривично дело поврзано со семејно насилство, што претставува зголемување од 70,5 отсто, а поднесени се 137 кривични пријави, односно 71,3 отсто повеќе во споредба со истиот период претходно. Од 2021 до 2025 во Македонија биле убиени 26 жени.
Според претставниците на ОБСЕ, фемицидот не е неизбежен и може да се спречи, но ниту една земја не е имуна на оваа најекстремна форма на родово базирано насилство. Вишата советничка за родови прашања и шефица на Програмата за родови прашања во Секретаријатот на ОБСЕ, Лара Скарпита, кажа дека фемицидот останува еден од најитните предизвици со кои се соочуваат современите општества и предупреди дека зад секоја статистика стојат уништени животи, семејства и заедници, но и институционални пропусти во заштитата на жртвите.
Таа нагласи дека законските измени се важни, но сами по себе не се доволни и дека се потребни повеќе ресурси за услугите за поддршка, дополнителни обуки за институциите и посилни инвестиции во превенцијата.
„Фемицидот не е неизбежен, туку може да се спречи и мора да се спречи. Постојат податоци, постојат препораки, но сега е потребна политичка волја за да се делува цврсто на терен. Убедена сум дека со искуството што го имаме денес тука можеме навистина да ги премостиме овие јазови и да ги направиме нашите домови, улици и заедници побезбедни за жените и девојчињата“, рече Скарпита.
Искуствата покажуваат дека државите кои инвестираат во механизми за рано предупредување и ефикасни системи за заштита успеваат да спасат животи. Говорејќи за напредокот во регионот, таа ја пофали Македонија за воведувањето на фемицидот во законската рамка и за воспоставувањето на механизмот „Фемицид воч“.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал истакна дека конференцијата е дел од пошироките напори за унапредување на родовата еднаквост и спречување на насилството врз жените и девојчињата. Тој нагласи дека фемицидот може да се спречи само преку координирана работа на институциите и долгорочна мултисекторска соработка. Според него, преку механизмот „Фемицид воч“ досега биле разгледани 92 случаи, од кои 43 биле класифицирани како фемицид или обид за фемицид.
„Веруваме дека овој координиран пристап е неопходен, бидејќи ниту една институција сама нема да има целосна слика за еден случај на фемицид“, нагласи Вал.
Според податоците на ОН, секоја година повеќе од 50.000 жени и девојки се свирепо убиени од своите партнери и од други членови на семејството. Овие бројки доволно покажуваат дека превенцијата и заштитните механизми сè уште не се ефикасни како што треба да бидат.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, кажа дека спречувањето на фемицидот бара трајна политичка посветеност, веродостојни податоци, посветени институции, транспарентност и сериозна мултидисциплинарна соработка.
„Фемицидот, односно родово базираното убиство на жени и девојчиња, претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. На глобално ниво во 2024 година се евидентирани 83.000 жртви жени и девојчиња, од кои 50.000 биле убиени од интимен партнер или друг член на семејството. Тоа значи дека секој ден во просек по 137 жени и девојчиња биле убиени од некого од семејството или од најблиската околина“, рече Бендевска.
Таа додаде дека статистиката е поразителна и дека фемицидот не смее да се перципира како изолиран кривичен настан. Во најголем број случаи станува збор за крајна точка на континуирано насилство, на кое му претходеле семејно насилство, закани, демнење, контролирачко однесување и други предупредувачки знаци.
Комисијата за еднакви можности неодамна усвои низа заклучоци за посилна заштита од семејно и родово базирано насилство, вклучително и предлог фемицидот да се третира како најтешко кривично дело со можност за доживотен затвор. Мерките опфаќаат построги казни, засилени санкции и системска превенција со цел поефикасна заштита на жртвите. Меѓу мерките се и 24-часовен пристап до услуги, формирање регионални кризни центри, продолжен престој во засолништата, финансиска помош, мерки за вработување, домување и психосоцијална поддршка, како и задолжителен третман за сторителите со судска мерка и следење на ризикот од повторување на насилството.



