Поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која е суспендирана уште од лани, разрешена е од функцијата обвинител.
На денешната седница, Советот на јавни обвинители едногласно ја донесе одлуката, откако претходно на затворена седница го дискутирале предлогот на комисијата за дисциплинска постапка.
Русковска е пријавена, а потоа и суспендиран, од Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за незаконски претрес по нејзина наредба извршен лани летото во просториите на Управата за финансиска полиција.
Тогашниот директор Арафат Муареми веднаш ѝ поднесе и кривична пријава, па во ОЈО Скопје истрагата уште не е завршена.
Русковска е разрешена зашто во наредбата за претрес на Финансиската полиција и на директорот Муареми, имало само анонимна пријава од граѓанин, за која Обвинителството за организиран криминал воопшто не направило претходни проверки за да ја види нејзината основаност.
Таа меѓутоа тврдеше дека законот во овој случај не е прекршен, сомневања за незаконско работење на Финансовата полиција имало во анонимната пријава и оти обвинител и истражители мора да го применат најефикасниот начин на ненајавена „посета“ и запленување на доказен материјал, ако сакаат да имаат ефекти во истрагата. Доказ за неа дека претресот е законски, е потпишаната наредба за претрес, од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА