САД го означуваат градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти Стејт Департментот.
Оттаму велат дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.
На црната листа на САД истовремено се ставени и неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца, Генц, Назмије и Дренуше.
Мерко за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека не е информиран за одлуката на американскиот Стејт Депармент.
„Денешната акција испраќа порака дека САД ја поддржуваат Северна Македонија со поттикнување стабилност преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците во владеењето на правото. Ова означување ја потврдува посветеноста на САД во борбата против корупција, која што му наштетува на јавниот интерес, го уназадува економскиот напредок на земјите и ги оневозможува владите да одговорат ефективно на потребите на граѓаните“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.
Мерко е трет политичар од Македонија ставен на американската црна листа поради значајна корупција. На 11 април лани, Стејт департмент ги стави на црна листа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција.