САД НЕ СИ ОДАТ ОД МАКЕДОНИЈА, УШТЕ ЌЕ СОРАБОТУВАМЕ НА ПРЕКРАСНИ ПРОЕКТИ, РЕЧЕ АГЕЛЕР ЗА ОДЛУКАТА НА ТРАМП ДА ЈА ЗАМРЗНЕ ПОМОШТА ПРЕКУ АГЕНЦИЈАТА УСАИД

    САД НЕ СИ ОДАТ ОД МАКЕДОНИЈА, УШТЕ ЌЕ СОРАБОТУВАМЕ НА ПРЕКРАСНИ ПРОЕКТИ, РЕЧЕ АГЕЛЕР ЗА ОДЛУКАТА НА ТРАМП ДА ЈА ЗАМРЗНЕ ПОМОШТА ПРЕКУ АГЕНЦИЈАТА УСАИДАмбасадорката Агелер на денешната промоција на донацијата од Американската амбасада на мобилно оперативно возило за Црвениот крст. (Фото: К. Попов)

    САД не си одат, работиме и правиме фантастични настани, рече денеска американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, на промоцијата на донацијата на мобилно оперативно возило за Црвениот крст. Одговарајќи на новинарско прашање, како ќе се одрази на Македонија замрзнувањето на средствата за финансирање на програмите на Американската агенција за меѓународна помош (УСАИД) по одлуката на американскиот претседател Донал Трамп, Агелер рече дека сѐ уште не знае како ќе се одрази одлуката, но рече дека  САД остануваат посветени на соработката.

    „Не знам. Ова е процес што е во тек и јас искрено не знам како ќе се одрази на нашата идна поддршка на развојот. Се разгледува и мислам дека е важно да биде разгледано. Но, како што им кажав јавно и приватно на Владата и на нашите партнери, ние сме тука. САД не си одат, ангажирани сме и правиме прекрасни партнерски настани, како овој денес. Кога ќе имаме одговори, ќе ги споделиме со вас“, рече амбасадорката.

    Американскиот Стејт Департмент на 24 јануари одлучи да ја замрзне распределбата на средствата за речиси целата американска помош во странство, со исклучок на хуманитарните програми за испраќање храна и воена помош во Израел и во Египет. Сеопфатната наредба суспендираше бројни проекти кои помогнаа на глобално ниво во сегментите на здравство, образование, развој, обука за работа и во други области.

    САД обезбедуваат повеќе странска помош на глобално ниво од која било друга земја, околу 60 милијарди долари во 2023 година, или околу еден процент од американскиот буџет, а УСАИД имаше проекти во повеќе од 100 држави. Извршната наредба повикува на 90-дневна пауза на американската развојна помош во странство за да се процени ефективноста и „конзистентноста со надворешната политика на САД“.

    Администрацијата на Доналд Трамп планира да задржи помалку од 300 од 10.000 вработени во УСАИД, која се најде на удар на владината програма за реорганизација, предводена од Илон Маск. Агенцијата беше основана од Џон Кенеди во 1961 и денес има околу 10.000 вработени од кои две третини надвор од САД и годишен буџет од речиси 40 милијарди долари.

    Додека Трамп и Маск лажно ги обвинуваат вработените во УСАИД дека се криминалци, стотици хуманитарни програми низ светот се ставени во неизвесност. Државниот секретар Марко Рубио кажа дека владата анализира и разгледува кои програми ќе бидат изземени од укинување. Владата сака да го спои УСАИД со Стејт департментот и на чело на агенцијата да биде Рубио. Сепак, нејасно е дали ваквото спојување е изводливо зашто УСАИД беше основана и финансирана со закони кои и натаму се на сила.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира