Македонија е следната земја која што може да ги исполни критериумите за членство во НАТО и јас ја поддржувам, но проблемот е името „Македонија“ кое што треба да биде прифатливо и за Грција, изјави постојаната амбасадорка на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон во интервју за весникот „Вашингтон пост“, објави агенцијата МИА. Таа вели дека САД сакаат Македонија „да име какво што тие самите сакаат или во некоја друга форма“.
Запрашана дали како амбасадор ќе се заземе Македонија да стане 30. земја членка на НАТО, Хачисон рече дека Алијансата има политика на „отворени врати“ за нови земји членки, но тие треба да исполнуваат одредени демократски и воени стандарди.
„Пред 10-15 години имаше дебата и донесена е одлука да имаме политика на отворени врати и да ги вклучиме Балканските и Балтичките земји, и да имаме стандарди што ќе ги направи посилни. Ако имаме исполнети стандарди на демократија, војска и владеење на правото, тогаш овие земји ќе бидат поспособни да се бранат самите и опстанат како демократии на долг рок. Политиката на отворени врати сѐ уште е тука и стандардите се тука“, вели амбасадорот Хатчисон.
Таа посочи дека поради спорот со Грција за името нема едногласно изјаснување за членството на Македонија во НАТО.
„Сметам дека сите ја гледаат Македонија и нејзиното исполнување на овие стандарди. Има уште малку до целосно исполнување, но верувам дека ако кажат дека се близу до договор за спорот со името со Грција, а ние сакаме да имаат име какво што тие самите сакаат или во некоја друга форма, но мора да има едногласен консензус. Сметам дека се многу близу. САД ги поддржуваат и ако можат да го исполнат последното парче на внатрешен план и работат кон слободни избори и силна влада, тогаш ќе бидат следната земја членка“, изјави Хачисон.