САКАМЕ ВОЗДУХ! – ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ СЕ ПРИДРУЖИЈА НА ВТОРИОТ МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ ВО СКОПЈЕ

    САКАМЕ ВОЗДУХ! – ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ СЕ ПРИДРУЖИЈА НА ВТОРИОТ МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ ВО СКОПЈЕМладите повторно беа во најголем број на протестот што заврши пред Владата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во уште поголема бројка од првиот пат, граѓаните излегоа на улица во Скопје за да го бранат своето право на чист воздух, што вечерва го немаше во центарот на градот.

    Носејќи досетливи пароли, транспаренти и заштитни маски, илјадници граѓани, од кои мнозинството беа млади, ја поминаа веќе утврдената рута од Министерството за животна средина преку Собранието до Владата на вториот марш за чист воздух, овојпат наречен марш за живот.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Ги потсетуваме овие институции дека имаат неизвршени обврски кон своите граѓани. И гласно и јасно ќе ги потсетуваме дека нема така лесно да се откажеме и дека ќе се бориме, зашто сите ние овдека имаме право на чист воздух. Оваа поддршка што ја имаме овдека вечерва, тоа е историја“, кажа еден од говорниците на протестот.

    И овој марш го поддржаа и заеднички го организираа над 30 граѓански здруженија од целата земја, кои на Владата ѝ дадоа прв рок до 31 декември да исполни повеќе од 100 нивни барања поврзани со животната средина.

    Не сакајќи на протестот да му се даде никаква политичка конотација, организаторите брзо реагираа кога неколкумина присутни од првите редови почнаа да извикуваат „Никогаш северна, само Македонија!“. Тие дискретно им посочија дека протестот не е политички и веднаш ги замолчија.

    „Апсолутно го поддржувам правото на граѓаните да протестираат за чист воздух и чиста животна средина“, кажа денеска министерот за животна средина Насер Нуредини.

    Протестот почна уште утрово, кога ученици од средни училишта во Скопје ја бојкотираа наставата и се собраа во училишните дворови.

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ja разреши директорката на гимназијата „Никола Карев“ Горица Илиовска, откакo таа утринава им се закануваше со последици на ученици кои се приклучија на бојкотот на наставата како дел од денешниот протест против загадувањето и глобалното затоплување.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира