САЛАТА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА

    САЛАТА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА ЗА ВАКЦИНАЦИЈАСега ќе биде помалата сала, не големата, но ќе има 20-тина места за вакцинација, вели Филипче. (Фото: СДК.МК)

    Салата „Борис Трајковски“ повторно ќе биде отворена за вакцинација од среда, најдоцна четврток, најави министерот за здравство Венко Филипче. Тоа се прави за да се намали притисокот врз вакциналните пунктови по здравствени домови, каде што изминативе две недели има гужви и се вакцинираат по над 10 илјади граѓани дневно. Масовната вакцинација во салата „Борис Трајковски“ почна во април, а пунктот беше затворен на крајот на јули.

    „Добро се одвива процесот на имунизација во сите пунктови. Во поголемите вакцинални пунктови во Скопје, Бит Пазар, Јане Сандански, Букурешт и Ѓорче Петров се работи во две смени, во сабота само во една, а во сите други градови согласно распоредот на вработените. Имајќи го предвид големиот притисок, во среда, најкасно четврток ќе се отвори повторн салата ‘Борис Трајковски’, за што дел од вработени во Здравствен дом, кои беа на годишни одори ги прекинаа порано за да дојдат и да ја стават салата во функција. Сега ќе биде помалата сала, не големата, но ќе има 20-тина места за вакцинација. Верувам дека тоа ќе ги растерети гужвите кои ги имаме пред здравствените домови“, изјави Филипче на денешната прес-конференција пред Министерството за здравство.

    Бројката на вакцинирани со барем една доза е 652.340, а целосно вакцинирани се 499.934 граѓани, заклучно со вчера. Министерството за здравство објави дека прва доза вакцина вчера примиле 13.398 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.099 граѓани. Вкупно досега се аплицирани 1.152.274 дози вакцини.

    Филипче кажа дека преоптоварени се болниците во Тетово и Гостивар, делумно во Кичево и Струга. Инфективната клиника во Скопје е целосно исполнета, со модуларната болница, како и Институтот за туберкулоза, а од денеска почнува да прима пациенти со ковид-19 и болницата за рехабилитација во Козле.

    Прашан дали ќе се воведува карантин во Тетово и Гостивар, Филипче одговори дека нема таква најава, бидејќи намерата на Министерството за здравство е да се зголеми вакцинацијата.

    „Ги разгледувавме овие мерки и заклучокот беше дека тоа сепак тоа е голема рестрикција. Ставаме акцент на вакцинација, вклучувајќи ги овие градови каде што е најголем бројот на пациенти, а воедно таму е најмал опфатот на вакцинација. Во другите градови каде што има помасовна вакцинација, близу 50%, нема таков притисок врз болниците, се надевам така ќе остане“, вели Филипче.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира