Законот за изградба на Универзитетски клинички центар ќе биде повлечен, но засега уште не сме донеле конечна одлука, рече министерот за здравство Бекир Сали. Предлог-законот за изградба на клинички центар беше доставен до Собранието за време на претходниот министер за здравство Венко Филипче, но опозицијата неговото донесување го блокира со 2.000 амандмани.
Сегашниот министер Сали не се откажува од изградба на ваков центар, но смета дека најважно е да има политичко усогласување меѓу партиите за реализацијата на овој проект.
„Во техничкиот дел иницирав работна група од позиција и опозиција во политичкиот дел да имаме усогласеност меѓу сите чинители во јавната расправа, која сметам дека во минатото била главната пречка за нереализирање на тој проект. Начелно, можам да кажам дека е надмината таа пречка“, рече министерот.
Меѓу трите можни локации се касарната „Илинден“, општината Ѓорче Петров и уште едно место на кое веќе има болница, која би се проширила. Сепак, Сали нагласи дека уште не се дојдени до фаза за одредување локација, избор на содржина на клиниките, големина и слично.
„Три позиции се предмет на дискусија, а размислувавме како работна група да се гради на локација за која не ќе треба да се трошат дополнителни средства поради оддалеченост, што беше една од причините за блокирање на таков еден предлог“, додаде Сали.
Досега сите власти најавуваа градење на нов клинички центар, но не се изгради.
Претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше таков центар уште во 2011, а во 2014 тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата, но објектот не се изгради. Пред да заминат од власт, потпишаа договор со градежни фирми и италијанска компанија за негова градба на местото на сегашниот во вредност од 72 милиона евра.
По доаѓањето на власт, СДСМ во 2017 најави дека ќе гради клинички центар на периферијата на Скопје, во село Бардовци, а изградбата според физибилити студијата требаше да чини 500 милиони евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА