САМО 53 МЛАДИ ЛЕКАРИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ШЕСТМЕСЕЧЕН СТАЖ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА, А ГОДИШНО СТУДИИ ЗАВРШУВААТ МЕЃУ 250 И 300

    САМО 53 МЛАДИ ЛЕКАРИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ШЕСТМЕСЕЧЕН СТАЖ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА, А ГОДИШНО СТУДИИ ЗАВРШУВААТ МЕЃУ 250 И 300Според Министерството за здравство ова е само првичен оглас, а понатаму ќе има и други, за да им се даде можност на сите млади лекари, според динамиката со која завршуваат сесиите.- Итната медицинска помош во Скопје (Фото:СДК.МК)

    Годишно на трите медицински факултети завршуваат меѓу 250 и 300 лекари, а на јавниот повик на Министерството за здравство за задолжително стажирање од шест месеци во службите за итна помош, вакциналните пунктови и патронажната служба, согласно последните законски измени, се пријавиле 53 лекари по општа медицина.

    Од Министерството за здравство велат дека на овој првичен конкурс толку лекари поднеле пријави, а дека понатаму ќе следат и други и дека тие ќе бидат распоредени согласно интересот искажан во пријавата, а по претходно извршена проценка.
    Како што најави министерот за здравство Венко Филипче тие за време на стажирањето ќе добиваат просечна плата на лекар.

    Од Лекарската комора велат дека го предале списокот на лекари кои добиле лиценца за работа, според тоа како завршуваат со студиите и стажот потребен за добивање лиценца.

    „За да добијат лиценца за работа треба да поминат шестмесечна обука според распоред од Лекарската комора. Откако ќе ја завршат оваа обука добиваат лиценца за работа. Годишно завршуваат околу 300 студенти, но во зависност од испитната сесија и од тоа кога ја почнале и завршиле обуката, така оди и издавањето лиценци“, вели д-р Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора.

    Од Министерството за здравство велат дека најмногу лекари во моментов се потребни во Здравствен дом Скопје.

    „Во Скопје се потребни уште околу 25 лекари, според она што го добивме како барање од Здравствен дом Скопје, но не само во овие служби, туку и во останатите установи“, велат од Министерство за здравство.

    Владата на последната седница одобри над 1.000 специјализации и субспецијализации за оваа и наредните три години, од кои најмногу за оваа година. Од Министерството за здравство рекоа дека најголем дел од специјализациите согласно барањата на здравствените установи се одобрени за оваа година и дека тука влегуваат и новопримените доктори.

    Дел од младите лекари и специјализанти минатата недела регагираа дека владата носи програма за специјализација по старите законски решенија со која тие треба да враќаат огромни суми ако предвреме заминат од јавните здравствени установи, како и дека времето што треба да го поминат во државните болници по стажирањето е премногу долго. Тие обвинија дека владата одобрила специјализации по лихварски систем.

    На ова министерот за здравство Венко Филипче рече дека воопшто не станува збор за популистичка мерка и дека специјализациите нема да бидат како претходно, бидејќи со законските измени што ги ќе ги донесат ќе ги олеснат специјализациите.

    „Со законски измени значајно ќе се намалат сумите што лекарите ќе ги враќаат ако предвреме заминат од јавната здравстена установа (ЈЗУ). Ќе се намали и времето што треба да го поминат во ЈЗУ по специјализацијата, но и државата мора да се заштити. Со новото законско решение ќе бараме начин ова да важи и за оние што веќе имаат запишано специјализација по стариот закон, да можат да потпишат анекс-договори “, рече Филипче.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира