САМО 6 ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ ГИ ЧУВААТ СВОИТЕ ПОДАТОЦИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ОПОРАВУВАЊЕ ОД КАТАСТРОФИ КОЈ Е РЕЗЕРВНА БАЗА

    САМО 6 ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ ГИ ЧУВААТ СВОИТЕ ПОДАТОЦИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ОПОРАВУВАЊЕ ОД КАТАСТРОФИ КОЈ Е РЕЗЕРВНА БАЗАЦентарот е резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава и гарантира дека тие ќе функционираат ако од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем, а ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од човечки фактор. (Фото: МВР)

    Само шест државни институции ги чуваат своите податоци во Центарот за опоравување од катастрофи во Прилеп. Центарот е под надлежност на Министерството за внатрешни работи (МВР) и беше отворен во 2023 година. Тој е резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава и гарантира дека тие ќе функционираат ако од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем, а исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од човечки фактор.

    Иако сите државни интитуции треба своите податоци да ги чуваат во овој Центар како еден вид заштита, тоа го прават само Министерство за внатрешни работи, Државниот завод за статистика, Министерството за финансии – Царинска управа, Центарот за управување со кризи – 112, Министерството за дигитална трансформација и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

    „Во моментов, потпишан е договор со Народната банка и во завршна фаза се преговори  со Катастар, Оперативно техничката агенција (ОТА), ФИНКИ и Министерството за здравство. Центарот за опоравување на катастрофи во Прилеп е отворен за сите државни институции во Македонија, кои во моментот изработуваат физибилити студии за можностите и капацитетите кои ќе им бидат потребни“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    Од МВР додаваат дека изминативе три години, Центарот за опоравување од катастрофи работи според највисоките стандарди и критериуми за датацентар на ниво на држава. Целокупната опрема и функционални главни и периферни елементи работат беспрекорно и не се забележани никакви проблеми при временски непогоди, прекини на напојувања или други прекини на активните елементи.

    „Центарот за опоравување од катастрофи е обезбеден на највисоко ниво на безбедност со техничко и физичко обезбедување, вклучувајќи 24-часовен мониторинг, една точка на пристап, 24/7 физичко обезбедување, контрола на пристап по зони и противпожарен систем НОВЕЦ, како и систем за целокупно известување“,  велат од МВР.

    Центарот за опоравување од катастрофи во Прилеп е финансиран со 3,25 милиони евра од претпристапна помош од ИПА фондови на Европската унија, а 150.000 евра беа обезбедени од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира