Димитар Апасиев е психопат, само човек кој е ушмркан или му фали нешто во главата може да пцуе починат родител, кажа претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за пцоста која пратеникот ја напиша на својот фејсбук профил.
Вчера лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев на својот фејсбук профил му опцу мајка на претседателот Пендаровски.
„Мојата мајка е почината пред 10 години и крајно е нечовечки да ми пцуеш гроб на почината мајка, тоа е нешто што не се простува. Таков јавен став може да искаже или човек кој е ушмркан или му фали нешто во главата. Јас стварно мислам дека тој психопат не е со сите штом може такви работи да пишува на социјални мрежи. Тоа е изјава без преседан во современа Европа. Ве уверувам дека ниту еден избран пратеник во било кој европски парламент не пцуе починат родител“, кажа Пендаровски.
Според него Апасиев нема храброст да му го каже тоа во очи туку го пишува на фејсбук.
„Што да очекуваш од една таква гнида од човек. Преку глава ми е од таквите фејсбук патриоти, големи македонски мажиња кои нè туркаат во обратна насока од демократија и од европските фундаментални вредности“, додаде Пендаровски.
А. АНТЕВСКА