Специјалното јавно обвинителство, кое според неговиот обвинител Гаврил Бубевски оваа година партиите го држат во вештачка кома и не му даваат да работи, минатата година кога работеше нормално, немало добиено ниту една претставка и поплака од обвинети и оштетени граѓани, во врска со судењата и истрагите што ги води.
Ова стои во Годишниот извештај на Советот на јавни обвинители, кого пратениците ќе го разгледуваат на комисиска расправа следниот понеделник.
Според извештајот, во Советот претставки и поплаки од незадоволни странки стигнале против речиси сите останати обвинителства. Постапувано е и за три поднесоци против Републичкото јавно обвинителство, кое е највисоко на пирамидата и со него раководи државниот обвинител Љубомир Јовески.
Иако нема претставки кај Советот, каде странките имаат право да ги поднесат против СЈО, сепак судството, под раководство на Врховниот суд, опозицијата и државата оваа година ја блокираа неговата работа.
„Законодавецот и општеството во овој момент Специјалното јавно обвинителство го држат во некаква вештачка кома. Со одлуката на Врховниот суд, со непостапувањето и по едно од обвиненијата во судот (обвинението за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со перење пари н.з.), се чувствува дека одлуката на Врховен си нашла свој пат и во овој момент освен судење за тие обвиненија што сме ги поднеле во рокот до 30 јуни, ние освен документација што прибираме, немаме други активности и со самото тоа нормално е луѓето да немаат доверба во нашата работа. Но, тоа многу брзо ќе се крене само да ги добиеме можностите“, вели Бубевски.
Професорот Гордан Калајџиев, пак, смета дека СЈО и особено судовите бадијала робуваат на новиот закон за СЈО и го чекаат да се донесе, бидејќи тој ќе важи за идните, а не за овие закочени истраги и обвиненија. Ги повика судиите да ја баталат политиката и да носат одлуки по законот и според совеста, а од друга страна ги потсети партиите и судиите дека СЈО е резултат на Пржински договор и нема таков оригинален лик и авторитет кој треба да кажува како да се толкува членот 22 за блокираните истраги и обвиненија.
Во 2018 година, Советот постапувал по вкупно 201 претставки, што во однос на 2017 година кога биле евидентирани 166. Во 62 случаја, поднесоците се однесуваат на работата на конкретни Јавни обвинители, адресирани се со име и презиме, а во 139 изразено е незадоволство од работата на Јавните обвинителства, како институции.
Советот на јавни обвинители наведува дека таму стасале 3 претставки за работата на Јавното обвинителство на РС Македонија, 12 против Вишите јавни обвинителства, 6 претставки за Обвинителството за организиран криминал и корупција и 180 за работата на Основните јавни обвинителства.
Кај СЈО, стои нула претставки. Доминираат поплаките од оштетени граѓани и правни лица.
С. К. ДЕЛЕВСКА