Претседателот на државата треба да биде избран од граѓаните, не само од гласачкото тело на партијата што ќе го предложи, вели претседателот Стево Пендаровски.
Тој во интервју за „360 степени“ на националниот јавен сервис МРТ 1 изјави дека “само со поддршка на политичките партии не е можно да бидете претседател. Потребен е и граѓанскиот дел, што не е врзан со политичките партии, да се реши да ви даде глас, затоа што само со збирот, или акумулацијата на само партиските електорати, не може да станете победник“.
Тој рече дека „денес, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидира“, но за носење одлука дали повторно ќе се кандидира клучни ќе бидат „поддршката од политичките субјекти, но не помалку, ако не и повеќе, поддршката од граѓаните“ потестувајќи дека во 2014 година зад неговата кандидатура застанаа 18 политички партии, во 2019 31 политичка партија.
Тој смета дека резултатите од анкетите не се лоши, но се однесуваат на претпоставената сила на политичките субјекти, а она што потешко се мери е граѓанскиот електорат, кој не е поврзан со политичките партии, а коишто на анкетите, над 60 %, се изјаснуваат дека во принцип не се заинтересирани за гласање.
На прашањето дали смета дека ДУИ може да ги мобилизира своите гласачи ако го поддржат на претседателските избори, претседателот изјави дека сите албански политички партии ќе имаат проблем да го мобилизираат своето членство, ако во вториот круг останат двајца Македонци.