Основниот кривичен суд Скопје денеска означи прекин на кривичното гонење на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, обвинет за масовното незаконско прислушување од 2008 до 2015 година, на стотици граѓани во Македонија.
Застапниците на обвинението во овој главен предмет на СЈО познат како „Тврдина-Тагргет“, согласно измените на Кривичниот законик на 6 септември за уништување на сите предмети за висока корупција, кажаа пред судот дека делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата за кои е обвинет Мијалков, апсолутно застаруваат.
Според Уставот, за обвинетите секогаш важи поблагиот закон.
Обвинителите се надеваат дека овој предмет ќе продолжи во делот на уништувањето на опремата со која незаконски се прислушувале граѓаните, но со преквалификација на кривичните дела, како што налагаат измените на КЗ што ги донесе оваа власт.
Оттаму, сега сите оштетени (прислушувани) граѓани, кои своите права ќе сакаат да ги добијат во граѓанска постапка, отштета ќе може да бараат од државата. Нема обвинети и осудени за прислушувањето – нема од кого да се бара обесштетување.
Штетата ќе ја плаќа државата, т.е. ние граѓаните.
Но, граѓаните после оваа штета со измените на КЗ иницирани од СДСМ, ќе треба да ги обесштетат и Мијалков и останатите обвинети. Ако побараат, ќе треба да им се исплатат сите адвокатски трошоци, сите пари што ги дале за вештачења за одбрана, сите денови поминати во притвор.
Импликациите што ќе ги предизвикаат овие измени на КЗ, предупреди застапничката на обвинението, обвинителката Ленче Ристоска, допрва како општество ќе ги почувствуваме.
Денеска од кривичен прогон се спаси и пратеникот од опозиционата Социјалистичка партија Љупчо Димовски, како и новинарката и бизнисменка Ивона Талевска, за случајот на СЈО „Продуцент”, што е за незаконско спонзорирање на нејзина емисија од пари од граѓаните, додека министер за земјоделство.
Судот констатира застареност на кривичните дела на обвинетите, согласно измените во Кривичниот законик донесени од Собранието на 6 септември.
С. К. ДЕЛЕВСКА