СДСМ И ДУИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА НОВАТА ВЛАДА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ЈА ИСПИТУВААТ ОТПОРНОСТА НА СУДИИТЕ ЗАЕДНО СО АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА

    СДСМ И ДУИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА НОВАТА ВЛАДА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ЈА ИСПИТУВААТ ОТПОРНОСТА НА СУДИИТЕ ЗАЕДНО СО АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА„Овие проверки од страна на веќе постоечки институции и веќе вградени законски основи најавуваат дека резултатите можат да бидат брзи и ефикасни и да обезбедат функционирање на владеењето на правото и решавање на системските проблеми кои долговреме се провлекуваат во домашното судство“, вели Заев во програмата, но нема објаснување зошто тоа не е направено претходно со овие добри закони и институции - Билборд пред Кривичниот суд во Скопје со реклама за филм - Архивска фотографија од 2016 година (Фото:СДК.МК)

    Владата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, во програмата ветува дека ќе спроведе ефикасно и објективно прочистување во правосудството. Вели дека првиот чекор е направен, дадена ѝ е надлежност на Антикорупциската комисија преку анкетните листови да ја испита имотната состојба на судиите и на обвинителите, на членовите на Судскиот и на Советот на јавни обвинители.

    „Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично“, се наведува во предлог-владината програма.

    Пред неколку дена, претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска кажа дека проверката на имотната состојба на судиите оди со забавено темпо затоа што имаат мал број на вработени, не се поврзани со други институции и немаат софтвер со кој ќе можат да вршат објективен избор на судии за проверка.

    Иако барем за почеток, ни имотната состојба не е испитана колкава е и на каков начин е стекната, мандатарот за идна влада Зоран Заев оди уште понатаму и најавува дека проверката ќе го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи врз судијата/обвинителот.

    „Овие проверки од страна на веќе постоечки институции и веќе вградени законски основи најавуваат дека резултатите можат да бидат брзи и ефикасни и да обезбедат функционирање на владеењето на правото и решавање на системските проблеми кои долговреме се провлекуваат во домашното судство“, најавува Заев, без објаснување ако сме имале добри закони, зошто во претходниот мандат тоа не е направено.

    Владата ќе се посвети и на обезбедување на ЕУ-мониторинг на судските предмети на висока корупција што е можно побргу, нешто што го подджала и Европската комисија. Ќе предложи до Собранието и законска обврска за објавување и јавен пристап до аудиоснимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал за кои постои поширок јавен интерес.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира