Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го одржа јубилејниот 30. конгрес, на чело со лидерот Венко Филипче, избран по катастрофалниот пораз на оваа партија на последните парламентарни избори.
На Конгресот беа избрани 113 членови на Централниот одбор (ЦО), но и заменичка-претседател, а тоа е Фани Каранфилова-Пановска, граѓанска активистка и поранешна претседателка на фондацијата Отворено општество.
Новиот Централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани, беше кажано денеска.
ЦО ќе избере и нов Извршен одбор (ИО), по што ќе следува и избор на потпретседатели, генерален секретар и двајца организациски секретари.
Каранфилова-Пановска доаѓа на местото на Сања Лукаревска, која си поднесе оставка веднаш по изборниот пораз на СДСМ.
Пред почетокот на Конгресот, Филипче кажа дека е праведно сите да прифатат дека се виновни за поразот на минатите избори. Рече дека неговите двајца претходници Зоран Заев и Димитар Ковачевски ги занемариле ветувањата дадени пред граѓаните и ги жртвувале своите политички кариери за сметка на големите национални прашања, а тоа не било наградено со очекуваната поддршка.
За ВМРО-ДПМНЕ кажа дека се политички кукавици, ја кочат евроинтеграцијата и дека ја туркаат државата во ново режимско владеење.