Опозициската СДСМ најави дека ќе поднесе претставка до Уставниот суд за неодамна усвоената Резолуција во Собранието, со која се осудуваат „манипулациите на опозицијата околу прашањето за мигрантите“. Потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска, денеска од пред Уставниот суд кажа дека овој документ е обид за гушење на слободата на говорот и политичкото дејствување.
Според Тренчевска, владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ донело „неуставна резолуција“ чија цел е да се замолчи опозицијата и да се спречи дебата за наводни договори „мигранти за пари“.
„Целта е секој што ќе зборува јавно за мигранти да се таргетира со закани за кривични пријави. Ова е вовед во автократија и режим. Ќе се обратиме и до меѓународните институции и сестринските партии во Европа за да ја одбраниме демократијата“, изјави Тренчевска.
Резолуцијата за осуда на манипулациите и потврда на политиките против нелегална миграција беше усвоена вчера со 65 гласа „за“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека со овој акт се става крај на сите шпекулации и намерно пласирани невистини.
„Владата никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување на мигранти на територијата на македонските општини“, кажа вчера Мицевски, додавајќи дека политичките субјекти треба да бидат одговорни во јавниот говор и да не предизвикуваат тензии.
Во текстот на Резолуцијата се упатува апел за воздржување од ширење лажни вести кои би можеле да ја дестабилизираат општествената кохезија.



