Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека партијата нема да учествува на лидерската средба најавена од премиерот Христијан Мицкоски.
Според Филипче, оваа средба е обид на Мицкоски да најде алиби за распишување предвремени парламентарни избори, што тој го опиша како сценарио смислено уште минатата година. Претседателот на социјалдемократите рече дека СДСМ нема да биде покритие за ваквите планови, кои според него ја следат логиката на „предвремени избори, па потоа мигранти за пари“.
„Средба нема, техничката влада останува“, рече Филипче.
Филипче рече дека техничката влада мора да остане како механизам за заштита, бидејќи , како што кажа, актуелната власт веќе ги узурпирала институциите, вклучувајќи го правосудството и обвинителството.
„Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе се имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, кажа Филипче.
Ваквиот став на СДСМ следува по вчерашната најава на премиерот Христијан Мицкоски дека во период ќе ги покани политичките лидери на средба. Главна тема на разговорите, според најавата на премиерот, требаше да биде токму укинувањето на техничката влада, односно т.н. „пржински модел“.



