Веднаш откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара преку Фејсбук да се одложат предвремените парламентарни избори на 12 април, тоа на прес-конференција го стори и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој најави дека СДСМ ќе побара одлагање на закажаните избори.
„Добро е што имаме заеднички ставови со опозицијата. СДСМ правеше сериозни анализи викендот. Важно е и какви последици би предизвикало одлагањето на изборите во однос на Европската комисија и на економијата. Но, на гласање граѓаните ќе ги изложиме на прифаќање зараза. Синоќа донесовме одлука да се одложат изборите некое време, за датум на одржување на вонредните парламентарни избори, ќе се договориме, не е крај на светот“, рече Заев и додаде дека ако не свика претседателот Пендаровски лидерска средба за нов датум, тоа ќе се случи во Владата.
Заев најави дека ако е потребно, мерките против коронавирусот ќе се заоструваат, зашто потенцијална жртва е секој од нас. Посака да не броиме жртви, туку излекувани.
С. К. ДЕЛЕВСКА