Собраниската Комисија за финансирање и буџет досега прифати два амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за субвенционирање на печки за пелети и за ТИРЗ Куманово, иако пратениците на опозицијата ја бојкотираат комисиската расправа за буџетот поради притворите на осомничените за 27 април. Според собранискиот Деловник, амандманите се читаат и по нив се произнесува владиниот претставник од министерството за финансии.
Членови од Комисијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека има расположение кај власта да прифати неколку амандмани на ВМРО-ДПМНЕ и на Движењето Беса. Со Комисијата за финансирање и буџет претседава Васко Ковачевски од СДСМ, кој беше назначен од претседателот на Собранието Талат Џафери поради неколкукратното откажување на Комисијата од претседателката Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски рече дека ако се заврши побргу расправата по поднесените 279 амандмани, од кои што околу 200 се на ВМРО-ДПМНЕ, поради нивниот бојкот на расправата, Комисијата за финансирање и буџет може да ја заврши работата и пред предвидените десет дена за расправа.
Г. ТРПЕНОСКИ