Снимката со теретаната е конструкција, тврди Христијан Мицкоски, кој од позиција на лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, му се јавил на дополнителниот помошник – министер за Внатрешна контрола во МВР, да влијае врз истрагата против обезбедувањето од МВР кое го придружуваше во вежбалната. Но, Мицкоски призна дека првин му пратил смс порака на службеното лице, а потоа се слушнале и воделе разговор за случајот.
Политичар или кој било граѓанин, па дури и претпоставен, забрането е да му се јавува на службено лице кое врши истрага или повело дисциплинска постапка, да се интересира за неговиот случај, како што направил Мицкоски за теретаната, а не смее ни да го замоли најљубезно, а камоли да му каже да внимава што прави за конкретниот случај. Тоа е кривично дело и ако не го пријави Чулев лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Обвинителството треба по допрен глас да отвори постапка.
На 25 април, кога исто како и денеска беа на сила мерките за забрана од Владата, што значи теретаните не смееја да работат, излезе видео од вежбална во Скопје, на која се гледа како влегува Мицкоски со неколкумина обезбедувачи со заштитни ракавици. Министерот Наќе Чулев веднаш кажа дека снимката била стара, а тоа на рацете на обезбедувањето од МВР, било отсјај.
Но, пред неколку дена заменичката министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска кажа дека истрагата уште не е завршена, се вештачи снимката за да се утврди од кој датум е и оти министерот Чулев нема право овој случај да го затвора неистражен. Откри дека има службена белешка од дополнителниот помошник-министер за внатрешна контрола кому му се јавил Мицкоски да врши влијание за почнатата истрага за овој случај.
На денешната прес-конференција Мицкоски призна дека му се јавил на функционерот кој отворил постапка за присуство на обезбедувањето во теретаната при силни мерки за забрана.
„Откако излезе онаа таканаречена афера со оние боени ракавици и така натаму, се јавив кај министерот Наќе Чулев и побарав број од надлежниот во МВР, бидејќи јас не го познавам органограмот, а инсистирав тоа да биде човек поставен од претходниот министер за да не излезе дека ние злоупотребуваме нешто во министерството. Јас сум јавна личност и нормално е политичкиот противник да ме нападне. Тогаш го добив именуваното лице и му напишав порака, тоа е вистина. Пораката е со следната содржина: ‘Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!’. Потоа именуваното лице ми се јави, остваривме разговор. Имајќи предвид дека моите разговори се слушаат, а зборевме и на обична линија, еве имаат дозвола од мене да го објават целиот разговор и да слушне јавноста што барам јас. Јас го барам следново: ‘Ве молам да постапите по закон и ве молам македонската јавност да ја дознае вистината час поскоро’“, призна Мицкоски дека му се јавил за неговиот случај на службеното лице и додаде дека „се јавува кај што треба, секаде каде што има неправда.
Потоа обвини дека ако МВР има таков разговор меѓу него и службеното лице, тој разговор е нелегално снимен и тука во целост ги збуни новинарите што сака да каже.
С. К. ДЕЛЕВСКА