Премиерот Зоран Заев рече дека сите прифатливи предлози кои ќе произлезат од јавната расправа за нацрт- амандманите за промена на Уставот би можеле да станат дел од нив.
Првата јавна дискусија за нацрт-амандманите се одржа во Владата, а ја отвори премиерот Зоран Заев.
„Дел од овие предлози се за примената дома на Договорот од Преспа, во Преамбулата таму каде што се зборува за референдумот од 1991 година да биде вметнато и Уставот од 1991 година, за граѓаните кои живеат во нејзините граници да стои ‘и граѓаните кои се дел од албанскиот народ, турскиот и така натака’, а важно е во делот на државјанството да се прецизира што е државјанство, а што етничка припадност“, рече Заев.
Тој кажа дека има постојани консултации со Грција.
„Морам да признаам дека се консултираме со Грција и тие со нас.
Во нацрт -амандманите се вградени предлозите на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и уставните измени ќе стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО“, рече Заев.
Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека нацрт- амандманите не ја загрозуваат граѓанскиот концепт на државата и дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања, а некои делови се зајакнувале дури и кога се споменувале други етнички заедници, а нацрт-амандманите ги исполнуваат сите стандарди предвидени со Уставот.
Професорот Владо Поповски предложи во Преамбулата веднаш по граѓаните на Република Македонија да стои македонскиот народ.
„Прецизирањето македонски народ, е затоа што граѓаните на Република Македонија не се национален државен субјект туку се колективен субјект кој се бори за своја држава. Треба да стои и ‘граѓани кои се дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот и ромскиот народ’, а не како што досега стоеше ’граѓани кои живеат во нејзините граници‘“, рече Поповски.
Поповски побара во Преамбулата на Уставот да стојат и решенијата од АСНОМ, кои според него, имаат конститутивно значење, а не да се употребува Прогласот од АСНОМ бидејќи тој, бил само информација кои одлуки биле донесени на Заседанието на АСНОМ.
За утре јавна дискусија по нацрт-амандманите ќе се одржи во Универзитетот ФОН во Скопје во 12 часот.
Г. ТРПЕНОСКИ