СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ ЌЕ ГО СЛЕДАТ ПРИНЦИПИЕЛНИОТ ОДНОС НА СЛОВАЧКА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ПО СРЕДБАТА СО СЛОВАЧКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА ЧАПУТОВА

    СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ ЌЕ ГО СЛЕДАТ ПРИНЦИПИЕЛНИОТ ОДНОС НА СЛОВАЧКА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ПО СРЕДБАТА СО СЛОВАЧКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА ЧАПУТОВАВо рамки на денешната посета, Пендаровски и Чапутова положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска е домаќин на словачката претседателка Зузана Чапутова, на која ѝ се заблагодари за постојаната и исклучително гласна словачка поддршка за македонските евроинтеграции. Македонскиот претседател рече дека Словачка, како вистински пријател, без калкулации, не поддржуваше во сите ситуации, токму кога беше најтешко и додаде дека се надева на сличен пристап од сите земји-членки на ЕУ, следејќи го принципиелниот однос на Словачка.

    „Во оваа прилика, сакам да се заблагодарам за постојаната и исклучително гласна словачка поддршка за македонските евроинтеграции. Токму кога беше најтешко, Словачка, како вистински пријател, без калкулации, не поддржуваше во сите ситуации. Искрено, се надеваме на сличен пристап во иднина од сите земји-членки, следејќи го токму принципиелниот однос на Словачка, како една од движечките сили на Вишеградската група“, изјави Пендаровски на заедничката прес-конференција.

    На 17 декември 2020, Чешка и Словачка излегоа со заеднички став дека нивните земји нема да дозволат Европската унија „да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, откако во завршниот текст на заклучоците за проширувањето на ЕУ, на барање на Бугарија беше ставена фразата „погрешно толкување на историјата“, а Чешка и Словачка сметаат дека тоа е штетно и ќе предизвика компликации.

    Потоа, во февруари 2021, министрите за надворешни работи на Чешка Томаш Петричек и на Словачка Иван Корчок, во заедничкиот текст објавен во „ЕУ Обзервер“ напишаа дека не поддржуваат каква било насока која ќе санкционира интерпретација на историските прашања.

    „Неприфатливa е идејата дека Северна Македонија има обврска да ги исправи наводните погрешни толкувања на историјата. Дополнителни услови ќе отворат пат за идни билатерални барања кои потенцијално ќе го комплицираат целиот процес во наредните години, па и децении. ЕУ не е тука да утврди кој е во право, а кој не за прашања во врска со историјата, јазикот или идентитетот“, кажаа тогаш двајцата министри.

    Во рамки на денешната посета, Пендаровски и Чапутова положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира