Две недели има намалување на бројот на заболени од грип, но сѐ уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале врвот, бидејќи во минатата сезона имавме два врва. Можеби ова е првиот, можеби да е последниот, но не значи дека нема да има нов врв и ново зголемување на бројот на заболени, рече денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Марија Андоновска.
Според податоците, во моментов во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Во текот на сезоната на грип, регистрирани се три починати лица асоцирани со грип.
„Во текот на четвртата недела од годинава во период од 19 јануари до 25 јануари во Македонија се пријавени 1.708 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 17,2 проценти помалку споредено со претходната недела кога бројот беше 2.062. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со четвртата недела од минатата сезона, е намален за 9,1 проценти, а споредено со истата недела за 15-те поминати сезони е намален е за 33,4 проценти“, кажа д-р Андоновска.
Според возраста, 1.029 лица се на возраст од 15 до 64 години, 253 се лица на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст од пет до 14 години, 183 деца се на возраст до четири години, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.
Д-р Андоновска вели дека и натаму продолжуваат да важат препораките на ИЈЗ за лицата да се заштитат, а тоа е да се избегнуваат собирања во простории каде има повеќе лица или доколку е потребно да бидат во такви простории да носат маска.
„Посебно да водат сметка и да внимаваат на здравјето ранливите категории, повозрасните лица над 65 години, хронично болните, децата, трудниците. Доколку имаат сомнеж дека некое лице е заболено или покажува симптоми треба да се избегнуваат контакти со него. Оние кои се веќе дијагностицирани или имаат грип тие треба да останат дома. Децата да не се носат во училиште ако имаат симптоми со цел побрзо да закрепнат и да нема трансмисија на вирусот, да не се пренесува вирусот. Нашите препораки се истите како и претходно – да се остане дома, да се одмора и да се следат советите од матичниот лекар,“ додаде д-р Андоновска.
Заклучно со четвртата недела, во Македонија се вакцинирани вкупно 79.099 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.



