Под силно полициско обезбедување се одбележува денеска 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Хеликоптер и дронови постојано ја надлетуваат околината на црквата, а пристап внатре, каде што е гробот на Гоце Делчев, имаат само официјалните делегации, додека акредитираните новинари останаа на платото пред црквата.
Сите пристапи се блокирани за граѓани од бројни полициски сили на стотина метри од црквата, па тие се собираат на мостот кај Меморијалниот центар на холокаустот.
Први да положат цвеќе дојдоа претставниците на власта, меѓу нив претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби и министрите Славјанка Петровска и Оливер Спасовски, а тогаш пристигна и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски. Богослужбата ја водеше архиепископот Стефан.
Нешто подоцна во денов треба да пристигне и делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од лидерот Христијан Мицкоски, а за напладне се очекува и бугарска делегација, на чело со министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев. Се очекуваат и 100-150 бугарски граѓани на одбележувањето.
Годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев првпат се одбележува во вакви услови.
Минатиот месец, бугарските политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов дојдоа во Македонија на одбележувањето на годишнината на смртта на Мара Бунева и во центарот на Скопје ги повторија своите познати антимакедонски ставови. Потоа се случи нападот на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети”, поради што и денешното одбележување беше прогласено за настан од висок безбедносен ризик.
М. ИЛИОСКИ