Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ѝ се извини „длaбоко на јавноста за вчерашната лошо срочена изјава за граматиката“.
Јаневска вчера на новинарско прашање во село Булачани околу тоа дали ќе има учебници на време за новата учебна година, рече:
„Учебници ќе има за сите одделенија. Нагласувам како и многу години наназад, за жал, не по моја вина, затоа што постапката е сѐ уште во одредени процедури, нема да има учебници за странски јазици. Но, учебници за странски јазици ќе има догодина и нема да има печатен, значи хартиен материјал за јазиците на заедниците, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Бирото за образование, а бидејќи станува збор за јазик, наставниците користејќи ги тие материјали, ќе можат да им предаваат на учениците. Јазикот е жив, знаете децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик – именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа“.
Министерката денеска беше на увид во активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје и по настанот се извини на јавноста, додавајќи дека не дообјаснила како што треба.
„Нема да има учебници за странски јазици, како што нема ниту изминатите седум години. Не станува збор за странските јазици каде тендерот повеќе пати од за мене непознати причини е поништуван и последниот сѐ уште е во постапка за жалба. Станува збор за учебнците за ‘Култура и јазици на заедниците’. Се разбира и се подразбира дека граматика треба да се учи по наставни програми и учебници. Во однос на учебниците за ‘Култура и јазици на заедниците’ потенцирам дека најголем број од тие учебници Бирото за развој на образованието не ги одобрил заради неквалитет на понудените учебници. И сакав да кажам пример, на пример: во понудените учебници се повторува материјал кој децата го учат во својот сопствен мајчин јазик. На пример дефицинија за именка, заменка, предлог, она што го учат во мајчиниот јазик. Кога се изучуваат јазисите на заедниците треба да се фокусираме на комуникативниот јазик. Ова е само пример за неодбрување. Поентата е дека ние треба да имаме квалитетни учебници, а за тоа треба време и се надевам дека Бирото веќе за следната година ќе одобри квалитетни учебници“, кажа Јаневска.
Б. НЕСТОРОСКА