СЕ СЕЌАВАМ НА МУАБЕТИТЕ СО ГРУЕВСКИ ЗА ДУПОВИ И ГУПОВИ, А МЕ ПРАШУВАШЕ И ЗА АРХИТЕКТИ ЗА КУЌА И ВИДИКОВЕЦ ВО КРУШЕВО, СВЕДОЧЕШЕ ЈАНАКИЕСКИ НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“

    СЕ СЕЌАВАМ НА МУАБЕТИТЕ СО ГРУЕВСКИ ЗА ДУПОВИ И ГУПОВИ, А МЕ ПРАШУВАШЕ И ЗА АРХИТЕКТИ ЗА КУЌА И ВИДИКОВЕЦ ВО КРУШЕВО, СВЕДОЧЕШЕ ЈАНАКИЕСКИ НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“Одбраната на обвинетите беше задоволна од сведочењето на Јанакиески, речиси и да немаше вкрстени прашања по директното испрашување од обвинителката Стефанова. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска во улога на сведок на обвинителката Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција, за случајот „Плацеви на Груевски”, рече дека ги препознал разговорите за ДУП-ови и ГУП-ови што ги правел со Груевски. Но, додаде дека на пример за фирмата „Сирах“ првпат слушнал подоцна од медиумите и не знае ништо се правело со плацевите на Водно за кои, како што рече, бил своевремено прашуван од обвинетиот Никола Груевски, но како и за илјадници други плацеви во сопственост на државата кои биле на јавно наддавање со цел да се привлечат странски инвеститори и да се оствари предвидената градежна експанзија.

    На прашање на Стефанова, тој се сети дека Груевски го прашувал и за државно земјиште во Крушево кога од него побарал да му препорача архитекти за изградба на куќа и на видиковец.

    Јанакиески беше прашан од Стефанова и за фирмата „ИТК Инженеринг ДООЕЛ Скопје”. Тој кажа дека како министер за транспорт и врски се сеќава на оваа фирма која е една од илјадниците со кои по јавно наддавање Министерството склучило договор.

    „Конкретно за оваа фирма се сеќавам дека Министерството склучи договор за градба на Водно. Оваа парцела по ништо не се разликуваше од другите за кои требаше да се расчисти земјиштето за да се гради на него. За ова земјиште ми се јави Александар Ивановски, ме прашуваше за законските одредби, како тече јавното наддавање. Јас му објаснив дека новината е електронско јавно наддавање. И други ме прашуваа за вакви постапки. Разјаснував нејаснотии. Локацијата беше над резиденцијата на Католичката црква. Беше над 3-4.000 метри квадратни“, кажа Јанакиески.

    Дали по процедурата на оттуѓување ве има контактирано и друго лице, го праша Стефанова.

    „Многу често, за многу објекти тогашниот премиер ме прашуваше за локации, архитекти… За државно земјиште кога се работи. Ме праша и за оваа локација, му посочив неколку лица што може да го проектираат тој објект“, одговори сведокот.

    А за други прашања, ве контактираше Груевски, го потпраша обвинителката.

    „Во рамки на Комитетот за градежна експанзија, чиј претседател беше претседателот на Владата, значи Груевски, покрај за другите локации, ме замоли да анимирам потенцијални странски инвеститори за да вложат и во оваа локација“, одговори Јанакиески.

    Што требаше за таа локација да проверите и кои информации требаше да му ги дадете на Груевски, праша Стефанова.

    „Просечната цена за метар квадратен која стручни служби ја утврдија на 400 евра. Се јавуваа инвеститори, не знам што се случи, до денеска“, кажа Јанакиески.

    Кои информации за кои прашуваше Груевски му ги дадовте на Александар Ивановски, праша обвинителката.

    „Информацијата за таа парцела ја пратив или кај Ивановски, или кај неговиот адвокат Илија Гечев. Сакаше да инвестира во Македонија. Се интересираше и за оваа локација“, рече Јанакиески.

    Стефанова понатаму го праша Јанакиески дали Гечев барал да инвестира, или Груевски прашувал за инвеститор.

    „Груевски ме замоли да анимирам потенцијални инвеститори. Му ја понудив оваа локација. Што се случило натаму, не ми е познато“, кажа Јанакиески.

    Стефанова го праша сведокот и дали за оваа локација има издадено градежна дозвола и одобрение за градба.

    „Мислам дека имаше извадено одобрение“, одговори Јанакиески.

    Обвинителката го праша и дали му се јавил некој за анекс договор за продолжување на рокот за градба.

    „За различни типови објекти се пролонгираше рокот за градба. До претходна измема на Законот за градежно земјиште. Потпишувавме такви анекси, една од тие со кои потпишавме е фирмата ‘ИТК Инженеринг ДООЕЛ Скопје’. Ме праша Груевски како оди со тој процес воопшто и дали со оваа фирма е потпишан таков анекс. И со Александар Ивановски потпишавме таков анекс на договор“, рече Јанакиески.

    Дали Груевски освен за ова, со вас има разговарано и за друго земјиште лоцирано на Водно, на место викано Шербетница конкретно, продолжи Стефанова со испрашувањето.

    „Од медиумите чув дека еден од плацевите е во тоа место“, одговори Јанакиески.

    Што бараше Груевски од вас за Шербетница, праша Стефанова.

    „Му објаснував од законски аспекти како се урбанизира едно земјиште. Дека на 10 години се носи ГУП“, одговори Јанакиески.

    Дали ве праша на кој начин може да се внесе во ГУП и ДУП, праша Стефанова.

    „Да. На посетата на местото од 11 илјади метри квадратни видов што треба да влезе во ГУП. На посетата на местото присуствуваше и Никола Груевски. Предложи тие 11 илјади да влезат во ГУП-от“, одговори Јанакиески.

    Обвинителката потоа го праша Јанакиески дали Груевски барал од него да контактира со Александар Јанакиески, раководител на секторот за урбанизам во неговото министерство, за да влезат во ГУП-от и дали го прашал на колку парцели, маркички, може да се подели тоа земјиште.

    „Да, ме прашуваше за парцелизација, но во рамки на ДУП, а не на ГУП“, одговори Јанакиески.

    Јанакиески во сведочењето кажа дека кога ги чул разговорите, се присетил на муабетот со Груевски за ДУП-от и ГУП-от. А за сопственици, за „Сирах“, рече подоцна првпат слушнал.

    Стефанова го праша и дали Груевски го прашал за државно земјиште за наддавање, надвор од Скопје, конкретно за државно земјиште во Крушево.

    „Груевски ме прашуваше за архитекти, конкретно за Крушево, требаше да се нацрта куќа и видиковец. Му го препорачав Александар Јанакиески и жена му“, одговори Јанакиески

    Одбраната на обвинетите беше задоволна од сведочењето на Јанакиески, речиси и да немаше вкрстени прашања по директното испрашување од Стефанова.

    Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

    Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира