СÈ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗНАЕ ЗА КОНТРАЦЕПЦИЈА ИМА НА НОВА ВЕБ-СТРАНИЦА, МАКЕДОНИЈА СÈ УШТЕ НЕМА БЕСПЛАТНИ КОНТРАЦЕПТИВИ

    СÈ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗНАЕ ЗА КОНТРАЦЕПЦИЈА ИМА НА НОВА ВЕБ-СТРАНИЦА, МАКЕДОНИЈА СÈ УШТЕ НЕМА БЕСПЛАТНИ КОНТРАЦЕПТИВИХЕРА смета дека е многу важен пристапот до точни и проверени информации, со оглед на тоа дека стапката на користење модерна контрацепција кај нас е исклучително ниска. (Фото: К. Попов)

    Во отсуство на бесплатна контрацепција и сеопфатно секскуално образование во училиштата, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА денеска ја промовираа двојазичната веб-страница за методите на контрацепција. Информациите за тоа како на пример треба да се чува кондомот, или дека апчињата за контрацепција не дебелеат, се достапни на македонски и на албански јазик.

    На овој начин, како што велат од ХЕРА, државата значително го подобрува пристапот до точни и проверени информации, што е исклучително важно со оглед на фактот дека стапката на користење модерна контрацепција кај нас е исклучително ниска.

    Идејата за изработка на интернет-страницата, како што кажа координаторката за комуникации во ХЕРА, Андријана Папиќ-Манчева, дошла од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, кој подолго време и редовно ја следи состојбата со пристапот до информации и услуги за контрацепција во Европа.

    „Дека нѐ чека уште многу работа на ова поле, покажува и неговиот Европски атлас на контрацепција, каде што до преклани котиравме повисоко поради воведувањето на медикаментозниот абортус, а лани паднавме пониско поради тоа што државата ја скрати бесплатната контрацепција за ранливите категории на жени. Поставувањето на веб-страницата, резултат на соработка помеѓу Институтот за јавно здравје и стручните лица од МАГО, Центарот за семејна медицина и Македонското лекарско друштво, а овој начин, државата значително го подобрува пристапот до точни и проверени информации, што е исклучително важно со оглед на фактот дека стапката на користење модерна контрацепција кај нас е исклучително ниска“, кажа Папиќ-Манчева.

    Според тимот, со оваа веб-страница, ќе се надмине или барем ќе се ублажат дезинформациите и митовите поврзани со контрацепцијата.

    „Како треба или не треба да се чува кондомот, дали два кондома се подобра заштита, чија е одговорноста за користење контрацепција? Во отсуство на сеопфатно сексуално образование во училиштата, се надеваме дека оваа веб-страница ќе им биде корисна на граѓаните, на младите, но и на здравствените работници во заложбите да ги информираат нивните пациенти. Тука мислам и на фармацевтите, кои се најчесто првите здравствени работници со кои луѓето стапуваат во контакт кога им треба совет за здравјето“, рече Папиќ-Манчева.

    Доктор Глигор Тофоски од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), рече постојано се залагаат да има барем еден контрацептив на позитивната листа на Фондот.

    „Тоа ветување уште од 2017  го добивме, меѓутоа уште не е реализирано, еве сега се прекројуваат листите во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Она што е уште побитно, таа генерација која расте и е реално најзагрозена, но и оние кои веќе имаат семејство и не сакаат повеќе членови во семејството, исто така да бидат информирани за своите права и за своите можности, да им се обезбеди контрацептивно средство“, кажа Тофоски.

    На новинарско прашање, тој одговори дека според него, ниската стапка на користењето на орални контрацептиви кај нас, се должи на предрасудите и за жал, нејаснотиите, иако повеќе пати се труделе да објаснат, дека низ годините, милиони случаи користат орална контрацепција, а таа ниту придонесува за неплодност, ниту до други проблеми. Ниту се здебелува од неа, иако најчесто се таквите обвинувања. Во еден дел, додаде тој, веројатно влијаела и цената, бидејќи не сите луѓе можат да си ја дозволат како додатен трошок.

    „Во најголем дел од развиените земји спрема кои ние се стремиме, имаат опција за, барем едно контрацептивно средство и тоа најчесто по избор на жената, нагласи тој, подвлекувајќи дека едукацијата е многу важна, а многу битна е улогата и на семејниот лекар“, рече Тофоски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира