Од вкупно 120 пратеници кои освоија мандати на предвремените парламентарни избори на 11 декември годинава, на денешната конститутивна седница не дојдоа само пратениците од ДПА – екслидерот Мендух Тачи и потпретседателот на партијата Бардуљ Мамути. На седницата присуствуваа сите поканети гости, врвот во судството, обвинителството и верските поглавари, а не дојде само претседателот Ѓорге Иванов.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК, која е причината што не присуствува Иванов денеска, на конституирањето на деветтиот парлементарен состав во Македонија, од неговиот кабинет сè уште не одговараат .
Мендух Тачи за попладнево во Тетово најави брифинг со новинарите, на кој се очекува да го појасни отсуството.
Новиот собраниски состав сè уште не е конституиран, се очекува тоа да се случи по паузата на која процедурите за верификација на 120-те пратеници треба да ги обави петчлената Верификациона комисија.
Седницата ја свика бившиот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, на што во име на пратениците од СДСМ и коалицијата Оливер Спасовски реагираше процедурално, бидејќи, како што рече, ова е кршење на досегашната пракса на седниците за конституирањето на новиот Парламент. Според Спасовски, неа требаше да ја свика најстариот пратеник од новиот состав, а Вељаноски, место да покажува силеџиство, рече Спасовски, требаше да го дозволи тоа, како што постапил претходно во 2014 и во 2011 година.
На оваа забелешка Вељаноски одговори дека треба да се следи Деловникот на Собранието, а не праксата, бидејќи тој има поголема тежина од неа, а вели дека седницата треба да ја свика претходниот претседател на Собранието, а ако не ја свика, тогаш тоа да го стори најстариот меѓу пратениците.